Неодамна беше објавен интересен текст во кој се дискутира за плановите на Мета за WhatsApp.
Во компанијата Meta со години се обидуваат да заработат од популарноста на нивната комуникациска платформа WhatsApp, за која пред девет години платија дури 19 милиони долари.
Бројот на корисници на WhatsApp постојано се зголемува и надмина две милијарди, а Meta сака да најде начин да одржи толку голем раст на корисници, но и да се обиде да заработи што повеќе пари од нив.
Одвреме-навреме во јавноста се шират гласини дека компанијата на Цукерберг би можела да стави поголем акцент на рекламите, а истите гласини неодамна повторно почнаа да кружат на интернет по напис објавен во „Financial Times“. Во написот се наведува дека некои тимови во Meta разговарале за поставување реклами во списокот за разговор со контакти на главната страница на WhatsApp. Во написот се споменува дека конечната одлука за рекламите не е донесена, а се споменува и можноста за воведување претплата на WhatsApp со која би се избегнало прикажување на реклами.
Да потсетиме, компанијата пред неколку години размислуваше да стави реклами во статус на WhatsApp, но тие се откажаа од таа одлука. Штом таквите информации се појавија на интернет, тоа наиде на големи критики од корисниците кои, очигледно, не сакаат рекламите да им го расипат искуството со користење на платформата.
Што се однесува до рекламите меѓу разговорите кои ги објави Financial Times, се чини дека од тоа нема да има ништо, барем засега. Имено, на тој напис реагираа од самата Meta, нагласувајќи дека не само што не започнале со никаков развој и тестирање на таа опција, туку и дека не планираат да го спроведат споменатиот начин на прикажување реклами во разговорите.
Меѓутоа, прашање е дали во тој случај може да се употреби познатата поговорка „каде има чад има и оган“, бидејќи аналитичарите сметаат дека е само прашање на време кога Meta ќе се одлучи за посериозен обид за воведување реклами во WhatsApp. На примерот на нивните други мрежи како Facebook и Instagram, можеме да ги видиме различните начини на кои Meta монетизираше милијарди корисници на тие платформи и нема сомнеж дека темата за монетизација на WhatsApp често е на дневен ред.
Во моментов тие генерираат приход од WhatsApp преку WhatsApp Business, опција наменета за деловните корисници кои им плаќаат за одредени услуги, па таа опција веќе има околу 200 милиони месечни корисници. Исто така, еден од плановите со кои имаат намера да ги зголемат приходите е опцијата за персонализирани пораки за деловните корисници, како и интегрирање на опцијата за плаќање за некои пазари каде што ќе може да им се плаќа на трговците директно од WhatsApp.