Сопственикот на социјалната мрежа X, претходно позната како Twitter, Елон Маск изјави дека планира да воведе претплата за користење на X на сите корисници, со цел борба против ботовите
Оваа идеја Маск ја изнесе за време на опсежен разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Се префрламе на мала месечна претплата за користење на Х мрежата“, му рекол Маск на Нетанјаху, според Variety.
Маск не посочил колку новиот план ќе ги чини корисниците на социјалната мрежа, ниту кои други функции ќе бидат вклучени во плаќањето, само истакнал дека ќе се работи за мала претплата.
Својата идеја ја образложи како најефективен начин за борба против системот на ботови. Фактот дека за секоја корисничка сметка ќе биде потребна одредена сума пари, ќе го намали интересот на оние кои формираат такви групи на луѓе. Исто така, Маск вели дека ќе им биде покомплицирано на компаниите кои се занимаваат со производство на ботови, бидејќи ќе им биде тешко да најдат голем број различни банкарски картички кои ќе бидат потребни за плаќање.
Моментно на X се наплаќа само сината верификувана етикета, која Маск ја воведе кога ја презема компанијата и таа претплата чини осум долари. Потврдениот корисник има повеќе придобивки од обичниот корисник, а неодамна постои и опција да ја скрие својата потврда.
Извештаите велат и дека имало разговор во компанијата за наплата за користење на X на секој што сака да има профил на оваа социјална мрежа.