Компанијата Neuralink основана од милијардерот Елон Маск доби одобрение за првото клиничко испитување на мозочен имплант врз луѓе.
Истражувањето ќе трае околу шест години, и сега се одбираат првите испитаници доброволци. Тоа ќе вклучува вградување интерфејс мозок-компјутер (BCI) со помош на хируршки робот Р-1 во местото во човечкиот мозок коешто служи за движење.
Neutalink објави дека добил одобрение од независен етички одбор да почне со избор на учесници за првото клиничко испитување на нивниот мозочен имплант за пациенти со парализа на екстремитетите. Испитувањето наречено PRIME (Прецизен роботски имплантиран мозок-компјутер интерфејс), има за цел да ја оцени безбедноста на имплантот Н-1 и хируршкиот робот Р-1, како и функционалноста на BCI.
Во мај оваа година, Neutalink доби зелено светло од американската Управа за храна и лекови (FDA) да ги почне своите клинички испитувања на луѓе. Во тоа време компанијата веќе беше под строга регулаторна контрола за тестирањето животни.
Компанијата првично планираше да вклучи 10 пациенти, но FDA предложи тој број да се намали поради загриженоста за безбедноста на испитувањето. Кандидати можат да бидат лица кои страдаат од парализа поради оштетување на ‘рбетниот мозок или амиотрофична латерална склероза. Сепак, компанијата не откри колку луѓе ќе бидат подложени да учествуваат во испитувањата.