Капсулата OSIRIS-Rex на NASA треба да се врати од своето долго патување низ вселената и да ја допре почвата на западната пустина во американската држава Јута во недела.
Сондата носи скапоцен товар – прашина од огромниот астероид Бену, голем колку планина и најопасен за нас во целиот Сончев систем. Овој примерок би можел да одговори на многу важни прашања: Од каде доаѓаме? Како е возможен живот на Земјата
„Кога 250 g од астероидот Бену ќе стигне до нас, во нашите раце ќе имаме материјал што постоел пред нашата планета, можеби дури и некои зрна што постоеле пред Сончевиот систем“, рече планетарниот научник Данте Лаурета, главен истражувач на мисијата, како што објави BBC.
„Се обидуваме да ја составиме сложувалката на нашите почетоци. Како настанала Земјата и зошто е возможен живот на неа? Од каде доаѓа водата во океаните, од каде воздухот во нашата атмосфера и што е најважно. Кој е изворот на органските молекули што го сочинуваат целиот живот на Земјата?” додаде тој.
Имено, научниците претпоставуваат дека многу од клучните компоненти за развој на животот пристигнале на Земјата во нејзината рана историја преку удар на астероид. Со цел да ја истражи оваа хипотеза, NASA лансираше сонда кон астероид со дијаметар од 500 метри во 2016 година.
Беа потребни две години за леталото да стигне до Бену, а потоа уште две мапирање на површината пред тимот да најде соодветно место за собирање на примерокот. На 20 октомври 2020 година сондата се спушти до астероидот и успеа да ја собере скапоцената прашина. Но, не помина сè како што очекуваа научниците.
Идејата беше сондата да удри во површината со својот дел и да ослободи излив на азотен гас што ќе ги подигне чакалот и прашината. Но, во текот на тој процес следеше еден вид шок. Кога механизмот допрел, површината се одвоила како течност и притисокот создал кратер со дијаметар од 8 метри.
Материјалот полета во сите правци, но за среќа и во комората за собирање примероци. Кога сондата ќе стигне до Земјата, ќе биде однесена во вселенскиот центар Џонсон во Тексас, каде што е создадена посебна „чиста просторија“ за анализа на примерокот.