Со појавата на ChatGPT, вештачката интелигенција минатиот ноември доживеа огромен залет во смисла на широка популарност, но откако тој балон некако се преполни, така и полека издиша.
Бидејќи OpenAI, компанијата која стои зад ChatGPT, е пред банкрот и ако нешто не се промени, ќе го прогласи идната година. Покрај тоа, резултатите кои популарниот четбот ги дава повеќе не се веродостојни. Некој ќе каже дека премногу се дружел со луѓето, па ги придобил нивните особини.
Четботот пречесто во резултатите шири дезинформации, неточни информации, кажува лажни вести и поради сето тоа губи на веродостојност. А пред само неколку месеци беше главна алатка за учениците, студентите и посебно оние кои се занимаваат со програмирање, развој на софтвер, кодирање.
За жал, во текот на јуни се појавија се поизразени информации дека ChatGPT дава лоши резултати на прашања. Или сосема неточни. Во август било спроведено истражување на Stack Overflow, со кое на ChatGPT му биле поставени 512 прашања и 52 проценти се покажале како неточни.
Ова е проблем бидејќи станува збор за стотици и илјадници линии код. 40 проценти од експертите не знаеле да идентификуваат кои одговори се неточни, ниту пак можеле веднаш да откријат каде се грешките.
За жал, за сите оние кои и натаму се потпираат на ChatGPT, ни во септември резултатите не се ништо подобро. Тоа сугерира дека OpenAI го насочува вниманието на нешто друго и дека ChatGPT е во фаза на стагнација.