Вселенската капсула на NASA, која носи примерок од карпест материјал земен пред три години од површината на астероидот Бену, успешно слета на Земјата откако беше спуштена со падобран од сондата OSIRIS-REx на вселенската агенција.
Во директен пренос на американската вселенска агенција, капсулата, која, според проценката на NASA, треба да носи околу 250 грама материјал собран на Бену, се гледа како се спушта со помош на падобран во американската сојузна држава Јута.
Веднаш по слетувањето, примерокот беше пренесен во лабораториите на NASA во Тексас за тестирање. Со помош на 60 различни научни пристапи, тим од околу 200 експерти се надеваат дека ќе можат да ги анализираат камењата и прашината од астероидот во обид да откријат индиции за тоа како настанал животот на Земјата.
Долгоочекуваното враќање на сондата
Научниците на NASA долго го чекаа враќањето на OSIRIS-REx (акроним за Origins, Spectral Interpretation, Resource Identification, Security-Regolith Explorer). Беше лансиран од вселенското пристаниште на НАСА Кејп Канаверал во Флорида во септември 2016 година и пристигна во Бену околу две години подоцна.
Откако го исфрли примерокот, сондата веднаш продолжи со својот пат кон друг астероид наречен Апофис кој орбитира блиску до Земјата. Мисијата OSIRIS-REx, заеднички проект на NASA и Универзитетот во Аризона, го донесе третиот примерок на астероид на Земјата, најголемиот досега, по две слични јапонски мисии во последните 13 години.
Астероид периодично поминува релативно блиску до Земјата
Астероидот Бену е откриен во 1999 година и поминува релативно блиску до Земјата на секои шест години. Дијаметарот на Бену е 500 метри и потекнува од раниот период на Сончевиот систем, така што би можел да им даде на научниците вредни информации за потеклото и развојот на карпестите планети како Земјата, а може дури и да содржи органски молекули неопходни за потеклото на животот.
While some members of the recovery team pack up the sample to deliver it to a temporary clean room here at UTTR, others are taking air and ground measurements to catalog any possible contaminants. https://t.co/ZK9XtEk91H pic.twitter.com/Kg5Eqlh0xl
— NASA Solar System (@NASASolarSystem) September 24, 2023
„Буквално ги разгледуваме геолошките материјали кои се формирале пред да постои Земјата“, рече минатиот месец Данте Лаурета, главен научник на мисијата на Универзитетот во Аризона.
Најопасниот астероид во Сончевиот Систем
NASA го смета Бену за најопасниот астероид во Сончевиот Систем бидејќи има најголема веројатност да удри во Земјата од сите познати астероиди.
Но, нема причина за грижа. Иако Бену претставува ризик за нашата планета, веројатноста за удар е многу мала, пишува Science Alert.