Дали мислевте да побегнете од рекламите што ги сервираат некои услуги за репродуцирање на видео на барање? Наскоро тоа ќе станува се потешко, бидејќи на трендот ќе му се приклучи и Amazon со својата услуга за стриминг.
Новиот тренд кај стриминг услугите продолжува да се шири – воведувањето на рекламирање во пакет со најниска претплата најпрво го воведе Netflix, а потоа слични потези најавија и Disney, HBO, па дури и неофицијално Apple. Единствената голема глобална услуга, Amazon Prime Video, која досега не зборуваше за реклами (но и за забрани за споделување лозинки или зголемување на цените), исто така попушти под притисокот на пазарот.
Според официјалното соопштение од оваа недела, стриминг сервисот на Amazon ќе претрпи одредени промени на почетокот на следната година. „Со цел да продолжиме да инвестираме во привлечна содржина“, Prime Video ќе започне да прикажува реклами во своите филмови и серии од првиот дел на 2024 година. Од компанијата велат дека планираат да имаат значително помалку реклами од линеарните телевизи и другите провајдери на услуги за видео стриминг.
Проектот ќе започне со реализација на пазарите во САД, Обединетото Кралство, Германија и Канада. После тоа ќе ги опфати Франција, Италија, Шпанија и уште неколку земји, а серијата најверојатно ќе продолжи и ќе ги вклучи сите други пазари во догледна иднина. Цената на основниот претплатен пакет, велат, нема да се промени – што значи дека претплатниците за постоечката цена, ќе го добијат „задоволството“ од гледање реклами.