Согледувањата од денешната дебата ќе бидат анализирани и соодветно имплементирани во Националната развојна стратегија
Размена на добри практики за просторно планирање, регионален развој и давање приоритет на јавниот интерес при планирање и искористување на земјиштето беа главната тема на денешната дебата со наслов „Поврзаноста на Националната Развојна Стратегија со просторното планирање и регионалниот развој“, организирана од Програмата за развој на Обединетите нации и Амбасадата на Обединетото Кралство.
„За развој на добри практити и политики на просторно планирање, со ставање на јавното добро како број еден интерес се потребни широки консултации со граѓаните, граѓанските организации, академската заедница, општините, претставници на националните институции, младите луѓе и меѓународни тимови од експерти. Се работи за стратешки интерес на земјата и сакаме заеднички, со помош на УНДП и Амбасадата на Обединетото Кралство да ја креираме визијата за подобро утре“, изјави заменичката министерка за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска.
За време на дебатата се презентираше потребата од интегрирање на квалитетно просторно планирање во НРС, при што беа споделени меѓународни искуства за синергија меѓу руралните и урбани области, од страна на Фиона Симпсон, директор за планирање, архитектура и регенерација во Шкотската влада и Ендрју Кинерд, раководител на трансформирачко планирање во одделението за планирање, архитектура и регенерација во Шкотската влада.
„Посебно внимание треба да се обрне на интеграцијата на националните, регионалните и локалните стратегии, со цел да се усогласат интересите и целите на различните нивоа на власт за да се изберат најсоодветни плански решенија за правилен и квалитетен просторен развој на државата“, порачаа експертите од Шкотска.
Преку дебатата беа идентификувани предизвиците и системските промени во областа просторно планирање и регионален развој. По презентацијата следеше размена на искуства меѓу присутните заради утврдување на потребните чекори кои треба да се преземат во насока на имплементирање на процесите од важност за Националната развојна стратегија, како клучен документ кој ќе го исцрта развојниот пат на државата во наредните 20 години.
Во дебатата беа вклучени претставници од министерства, локални самоуправи, центри за развој на планските региони, бизнис секторот, граѓанскиот сектор и консултанти. Согледувањата од денешната дебата ќе бидат анализирани и соодветно имплементирани во Националната развојна стратегија. Се очекува имплементацијата на НРС да започне следната година и процесот да придонесе за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани во државата.