Платформата за запознавање, Tinder воведува опција за претплата што ќе нуди ексклузивни можности, под називот Tinder Select. Се работи за тн. „ВИП-понуда“ наменета само за еден отсто од најактивните корисници на апликацијата, а ќе чини 500 долари месечно.
Како дел од новата опција, корисниците ќе може да ја користат функцијата Skip The Line што им овозможува на луѓето што Ви се допаѓаат да ја гледаат Вашата фотографија незаматена и ако не се претплатат за „златно“ или „сребрено“ членство. Ќе може и да се пребаруваат профили без реклами и да се гледаат допаѓањата испратени последните седум дена.
Дополнително, функцијата „Директна порака“ овозможува испраќање пораки двапати во седмицата без да се поврзете со некого.
Корисниците кои сакаат да пребаруваат на Tinder, мора да исполнат пет услови. Треба да имаат најмалку четири фотографии од себе, една потврдено веродостојна, да наведат пет свои лични интереси, биографија и целта – намерата за запознавање, врска или дружење. Инаку, според податоците на нивната страница, апликацијата е преземена 340 милиони пати и е достапна во 190 земји.