Научниците велат дека ги идентификувале најстарите обувки во Европа, сандали исткаени од трева за кои се смета дека се стари околу 6.000 години.
Тие беа меѓу мноштвото древни предмети откриени во една пештера во Шпанија, кои беа украдени од рудари во 19 век, но беа анализирани во нова студија.
Ниската влажност и студените ветрови во пештерата невообичаено добро ги сочувале предметите. Истражувачите, исто така, анализирале корпи и комплети алатки. Коавторката на студијата Марија Ереро Отал изјави дека предметите се „најстариот и најдобро зачуваниот збир на материјали од растителни влакна во јужна Европа досега познат“.
„Документираната технолошка разновидност и третман на суровините ја истакнуваат вештината на праисториските заедници“, додаде таа. Новите техники за датирање покажаа дека колекцијата од 76 предмети пронајдени во пештерата е околу 2.000 години постара отколку што се мислеше, пишува BBC.
Сандалите датираат од неолитскиот период
Некои предмети во комплетот датираат од пред 9000 години. За анализираните сандали биле користени различни видови трева во нивната структура, истакнуваат истражувачите, но биле вклучени и други материјали како кожа и вар. Тие потекнуваат од неолитскиот период, што ги прави постари од кожените чевли стари 5.500 години, откриени во една пештера во Ерменија во 2008 година.
Пештерата во која се пронајдени сандалите стари 6.000 години се вика Cueva de los Murciélagos или Пештера на лилјаците, а се наоѓа во Андалузија, на југозапад од Шпанија. Според истражувачите на оваа студија, до пештерата првпат пристапил во 1831 година сопственик на земјиште кој собирал измет од лилјаци, корисни за правење ѓубриво.
Помалку од две децении подоцна, го користеле рудари кои откриле галерија со делумно мумифицирани трупови, корпи, дрвени алатки и меѓу другото, заби од диви свињи и уникатна златна дијадема.