Овогодинешната конференција со наслов “Родова еднаквост на работното место” ја следеше мисијата на Алијансата за родова еднаквост и се зборуваше за еднакви можности, еднаква застапеност без дискриминација и еднакво вреднување на трудот на жените и мажите.
По повод Меѓународниот ден на еднакви плати, во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје се одржа Конференција на тема „Родова еднаквост на работното место”, организирана од Алијанса за родова еднаквост на работното место – ГЕА, иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ. Конференцијата се организираше со поддршка на проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“, финансиран од УСАИД, а спроведуван од Консалтинг за стратешки развој (КСР).
Овогодинешната конференција со наслов “Родова еднаквост на работното место” ја следеше мисијата на Алијансата за родова еднаквост и се зборуваше за еднакви можности, еднаква застапеност без дискриминација и еднакво вреднување на трудот на жените и мажите. Беа споделени податоци кои говорат дека се’ уште сме далку од постигнување родова еднаквост на работното место, но се дискутираше и за мерки и политики кои се преземаат како и за предлози за постигнување на прогрес на ова значајно прашање. Дополнително, преку споделување на добри практики и претставување на компаниски рол-модели, конференцијата го поддржа активното вклучување на компаниите во промовирањето на еднаквиот статус на жените и мажите на работното место и во општеството.
Конференцијата официјално ја отвори Нина Ангеловска, претседателка на ГЕА: „Предизвикот на родовата нееднаквост постои, родовиот јаз постои на многу основи, и неопходно е да се адресира бидејќи еднаквите можности, еднаквоста на пазарот на трудот на мажите и жените и можноста да дадат еднаков придонес ја прави економијата подинамична, посилна и поотпорна, а придонесува и за поголем економски раст. Оваа конференција е посветена на Меѓународниот ден за еднакви плати (18 септември), а Меѓународните денови постоеле и пред основањето на Обединетите нации, но се прифатени од ОН како моќна алатка за адресирање на одредени предизвици и се повод за едукација на јавноста за прашања од интерес, за мобилизирање на ресурси и застапување пред политичките претставници со цел решавање на истите. Иако се работи за глобални предвизици, со одбележување на овие меѓународни денови во рамки на Алијансата на родова еднаквост на работното место – ГЕА се обидуваме локално да придонесеме и делуваме.”
Свое поздравно обраќање имаше и г-а Елизабета Ѓоргиевска, Сопруга на Претседателот на Република Северна Македонија: „Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Ова е првата реченица во првиот член на Универзалната декларација за човековите права, што беше усвоена пред 75 години. Фактите зборуваат дека и 75 години по усвојувањето на Декларацијата, родовиот јаз во платите сè уште постои, вклучително и кај нас исто така. И покрај тоа што жените стекнуваат квалитетно образование, сè уште жените се соочуваат со родово базирана дискриминација не само при вработувањето, туку и при кариерното унапредување и уште повеќе кон праведното вреднување на нивниот труд. Иронијата е што ефектите не ги чувствуваат само жените, туку и целата македонска економија. Нееднаквоста ги маргинализира и ги демотивира жените, а со тоа ја лишува економијата од нивниот креативен потенцијал.“
Во рамки на настанот беа организирани три панел дискусии со претставници од бизнис секторот, засегнатите институции, како и претставници од домашни и меѓународни организации. На панел дискусиите се разговараше за најдобрите практики кои овозможуваат еднакви услови за професионален развој на жените и мажите во работната средина, намалување на родовиот јаз во платите, како и препораки насочени кон економското јакнење на жените. На конференцијата, како панелист говореше и Министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.
Кристина Хаџи-Василева, која што е извршна директорка на Консалтинг за стратешки развој и воедно панелистка на Конференцијата ги претстави можностите за поддршка на иницијативи и активности за економско јакнење на жените преку проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“ и изјави: „Деловните здруженија имаат значајна улога во јакнење на микро, малите и средни претпријатија вклучувајќи го и аспектот на родова еднаквост на работно место. Преку грантовите што ќе се доделат во рамките на проектот, ќе биде поддржано воведување на политики, процедури и стандарди кои ќе овозможат поголемо вклучување на жените на пазарот на труд во секторите во кои доминираат мажите. Ова ќе придонесе за поголемо економско јакнење на жените и родово избалансирана работна сила.“
На конференцијата покрај говорниците, учествуваа и околу 100 гости, меѓу кои и членови на Советот на Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА, членови на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, соработници, партнери, поддржувачи на ГЕА и АЕТМ, и претставници од бизнис секторот, кои имаа можност да споделат позитивни примери поврзани со најдобрите практики за постигнување родова еднаквост на работното место.
Повеќе информации за Конференцијата и воедно за Алијансата за родова еднаквост на работното место можат да се погледнат на следниот линк: https://genderequalityalliance.org/.