HMD Global, носителот на лиценцата за смартфоните на Nokia, стана првата голема компанија која произведува свои паметни телефони во Европа
По минатогодишното ветување, компанијата HMD Global официјално да произведува 5G смартфони во Европа, попрецизно во Унгарија.
Првиот мобилен телефон што ја напушти фабриката во Унгарија е Nokia XR21 Limited Edition. Станува збор за само 50 примероци, од кои 30 се во слободна продажба. Секој од нив ќе има изгравиран единствен број и доаѓа во Frosted Platinum боја во лимитирана кутија.
Nokia XR21 беше претставен во мај, има робустен дизајн со MIL-STD-810H воен сертификат, како и IP69K сертификат кој гарантира највисоко ниво на отпорност на вода и прашина.
Уредот користи 6,49-инчен IPS LCD екран со FHD+ резолуција и стапка на освежување од 120 Hz, кој е заштитен со Gorilla Glass Victus. Се напојува со процесорот Snapdragon 695, додека енергијата ја обезбедува батерија од 4.800 mAh која поддржува полнење од 33 W. Смартфонот доаѓа со оперативен систем Android 12, главна камера од 64 MP и ултра широка камера од 8 MP.
Nokia XR21 Limited Edition чини 699 евра во Германија, Франција, Австрија, Холандија, Белгија, Шпанија, Италија и Финска и 599 фунти во Велика Британија. HMD подоцна ќе го понуди стандардниот Nokia XR21 во црна боја за 649 евра или 549 фунти.

