Најголемата услуга за видео стриминг во светот беше меѓу првите со идеи како забрана за споделување лозинка и воведување реклами во евтините пакети, а своето лидерство има намера да го задржи и кога се во прашање цените.
Netflix го потресе стриминг пазарот со своите одлуки да воведе поевтин пакет на претплата со реклами, а потоа и со забраната за споделување лозинки надвор од едно домаќинство, а исто така е меѓу лидерите и кога станува збор за поскапувањата. Остатокот од пазарот обично го следи она што го прави Netflix, па неговите потези се копирани од HBO, Disney и други – додека на корисниците не им се премногу омилени сите овие промени.
Според информациите што ги објави Wall Street Journal, Netflix сега повторно бара да заработи повеќе, па во компанијата веќе размислуваат за следното зголемување на цената на нивната претплата, поточно најевтиниот пакет, со кој на гледачите им се прикажуваат и реклами. Извори потврдија дека веќе има интерни разговори за поскапување на оваа претплата на неколку светски пазари, но пред се за оние кои им се најблиски и најважни – САД и Канада.
Последен пат Netflix ги зголеми цените во јануари минатата година, а оттогаш многу други сервиси го следеа примерот. Netflix тогаш почна посериозно да го ограничува споделувањето лозинки (во Македонија дури и ги намали цените на пакетите), а сега се враќаат на плановите за покачување на цените.
Во САД пакетот со реклами (за 2 уреди и со HD резолуција) чини 6,99 долари месечно, додека основниот пакет без реклами сега чини прилично високи 15,49 долари. Последната цена е за едно домаќинство, а надворешни гледачи може да се додадат за дополнителен надомест од 7,99 долари месечно.