Вчера под покровителство на претседателот Стево Пендаровски свечено започна 51та Европска конференција на млади инженери, чиј домаќин по вторпат е Клубот на млади инженери при Инженерската институција на Македонија, а со учество на стотина млади инженери од Европа и Македонија. Оваа конференција е можност македонските компании и нашите млади инженери, веќе истакнати професионалци, да ги прикажат пред европската јавност своите достигнувања.
„За нас е значајно што во овој настан се вклучени и студенти од техничките факултети кои ќе стекнат нови искуства, следејќи ги своите постари колеги. Младите инженери од Македонија во своите активности поставија вистински модел на интердисциплинарна соработка без која не може да се замисли квалитетно образование или примената на нови технологии, кои бараат знаења и вештини за следење на светските трендови. Затоа што, ако порано врвните компании бараа инженери, строго насочени во дадена област за да имаат голем степен на продуктивност, денес како резултат на неминовната дигитализацијата и брзото менување на производните процеси им требаат млади кадри кои со своите широки познавања, аналитичко размислување и вештини за тимска работа ќе придонесат за имплементација на најновите технолошки достигнувања. Нашите млади инженери веќе имаат нови и нови идеи, а ние и компаниите со нетрпение ги очекуваме нивните идни активности и настани, секако помогнати од сите нас“, порача претседателката на Инженерската институција на Македонија, проф. д-р Христина Спасевска, посакувајќи им на младите инженери учесници од европските земји да се стекнат со нови знаења за идните професионални предизвици и убав престој во Скопје.
Слоганот на годинешната конференција е: „Поврзување на патеките на инженерите“, зборови во кои се содржи суштината на работа на инженерите затоа што инженерството е умешност на изнаоѓање решенија за практичните проблеми преку она што фигуративно го нарекуваме, поврзување на точките, истакна претседателот Пендаровски.
„На инженерите, уште во најстари времиња, им била доверена задачата да градат патишта што ќе ги поврзуваат градовите, со цел, развој на тие цивилизации. Во основа, вие тоа го правите и денес. Со таа разлика што патиштата што ги правите не се нужно од камен, бетон или асфалт, туку се и дигитални коридори од оптички кабли и безжични сигнали. Во модерни времиња, тоа се клучните патишта за трансфер на податоци, знаења, идеи и технологии од кои зависи развојот на економиите во дигиталната ера“, рече Претседателот.
Оваа конференција е по вторпат организирана од Клубот на млади инженери, при Инженерската Институција на Македонија, за што претседателката на Клубот на млади инженери, Тина Манолева како домаќин на конференцијата ја истакна важноста уште еднаш да се докаже дека само заедничките стремежи за остварување на императивните цели кои стојат пред младите инженери, новите генерации, може да ги придвижат кон подобро утре. „Работата и залагањата за остварување на целите на нашата генерација е условена од кохезијата на групите со кои делиме исти согледувања и перспективи. Како Клуб на млади инженери се залагаме за нагласување на потребата за афирмација на младите инженери и инженерската професија во општеството, како една од движечките сили на стопанството и економијата. На овој начин, се прави размена на искуства и практики при решавањето на инженерските проблеми и креирање подобра иднина. Всушност, визијата на Клубот на млади инженери е промоција и вмрежување на младите инженери од нашата земја со индустријата, но и со нивните колеги од Европа“, истакна Манолева.
Претседателот на Асоцијацијата на европски млади инженери, Пол Јенкинсон изрази искрена благодарност до Претседателот Пендаровски, Инженерската институција на Македонија и Клубот на млади инженери за организацијата како прва конференција на најновиот претседателски одбор на EYE.
„Веќе е јасно дека имаме многу предизвици и можности во секое поле на инженерството. Од климатските промени па се до синџирот на снабдување до економијата и – во некои случаи – до политиката, наша колективна одговорност е да соработуваме, да комуницираме и да бидеме доверливи лидери што му се потребни на општеството за ефикасно да се реши и да се прилагоди на иднината”, порача Пол Јенкинсон.
Европска конференција на млади инженери ќе трае до 8 октомври, а предвидени се индустриски посети и интерактивни работилници во областа на енергетиката, информатичките науки, автомобилската индустрија, фармацевтската индустрија и работилници за т.н. меки науки и дигитален маркетинг, размена на искуства и знаења преку предавања и панел-сесии.