Како забранета заљубена двојка, изгледа дека и сините и зелените меурчиња сакаат да се обединат, барем така тврди кампањата, со која Samsung сега го повикува Apple да го прифати RCS
„Мразам што мора да биде вака…дали можеш само да разговараш со своите родители?“ – е реченица од делот на кампањата во која Samsung го повикува Apple да го прифати RCS стандардот за размена на пораки, која би требало да ги замени SMS и MMS. Персонифицираната размена на пораки помеѓу двајца заљубени, на кои им е забрането да бидат заедно, во клип од 20 секунди на Samsung ја илустрира потребата познатите сини и зелени меурчиња од пораките на Android и Apple да сакаат да бидат заедно.
Зелените меурчиња претставуваат пораки во RCS стандардот што се наоѓаат на телефоните со Android и услугата Messages, додека сините се пораки од iMessage на Apple. Овие навидум мали разлики не се само во бојата.
Сините и зелените меурчиња им предизвикуваат проблеми на корисниците на iPhone или Android уредите во комуникацијата, бидејќи некои функции што се овозможени на нивните апликации за пораки се оневозможени, па дури и целосно невидливи на другата страна.
Некој од технолошката индустрија повторно се обидува да го охрабри Apple да го прифати стандардот RCS и да го имплементира во својата услуга iMessage, за конечно да заврши сагата за проблемите во комуникацијата помеѓу iPhone и Android уредите,
Google во неколку наврати го повика својот конкурент на пазарот да го прифати стандардот RCS, за да исчезнат овие проблеми, но компанијата од Купертино упорно одбива.
Сега на овој апел се приклучи и јужнокорејската компанија Samsung, која ја претставува тврдоглавоста на челниците на Apple преку имагинарни пораки меѓу двајца љубовници, каде родителите на едниот од нив ја забрануваат нивната „љубов“. Во размената на пораки пишува дека „лицето“ се обидело да разговара со „своите родители“, но дека тие сакаат да ги разделат и дека не му е јасно зошто е тоа така.
Погодувате, родителите ги претставува компанијата Apple. Можеби по оваа симпатична кампања, американската компанија ќе се предомисли, но гледајќи ги нејзините постапки во врска со USB-C приклучокот за полнење, малку е веројатно дека RCS ќе биде усвоен без принуда во форма на регулативи.