Синџирот на снабдување на Apple допрва треба да воспостави производна линија за MacBook Pro со OLED дисплеј, така што, неофицијално, ќе почекаме уште најмалку три години
Иако јавноста очекува првиот iPad Pro со OLED екран да пристигне веќе следната година, MacBook Pro модели со OLED дисплеј нема да видиме уште најмалку три години, изјави Рос Јанг, извршен директор на консултантската компанија Display Supply Chain Consultants.
На вебинар во врска со екраните, Јанг рече дека ќе бидат потребни неколку години за партнерите во синџирот на снабдување на Apple да изградат производни линии за масовно производство на OLED панели за лаптопите на компанијата. Според тоа, тој не очекува MacBook Pro со OLED екран да се појави до 2026 или 2027 година, пишува MacRumors.
Во споредба со актуелните MacBook Pro модели со LCD дисплеи, придобивките од OLED технологијата ќе вклучуваат зголемена осветленост, поголем сооднос на контраст на црна боја, подобрена енергетска ефикасност за подолго траење на батеријата и многу повеќе. Сепак, трошоците за производство на овој тип на екрани се повисоки.
Како што пишува кинескиот портал ExpReview, Apple верува дека mini-LED е само преодна технологија, и дека ќе треба време целосно да се префрли на OLED технологијата. И овој портал се приклучува на гласините за лансирањето на првите iPad Pro модели со OLED панели следната година и додава дека првите iPad Air и iPad mini модели со ист тип на екран ќе бидат лансирани до 2026 година.