Во блиска иднина, со Starlink сателитите ќе биде можно да се оствари и директна LTE врска, што значи дека за пристап на интернет преку констелацијатра на SpaceX ќе биде доволен само телефон, без посебен терминал
Ако сакате да пристапите на интернет во некој оддалечен дел од светот, можете да го направите тоа преку Starlink, констелација на сателити што SpaceX постепено го надградува во ниската орбита на Земјата. Меѓутоа, за тоа во моментов треба да имате нивен терминал и претплата, но наскоро повеќе нема да бидат потребни нивната антена и рутер.
Деновиве SpaceX ја објави услугата „Starlink Direct to Cell“, можност за директно поврзување на смартфоните со LTE чип со нивните сателити. На тој начин, сателитите на Starlink ќе станат вистинска замена за копнените базни станици (со користење на вградени eNodeB модеми), а глобалната покриеност се најавува речиси насекаде во светот – на копно, мориња и езера. Услугата ќе може да поддржува и поврзување на IoT уреди кои ги исполнуваат LTE стандардите. Во случајот со паметните телефони, сигналот ќе биде достапен „каде и да имате отворен поглед на небото“, без софтверски или хардверски надградби, па дури и без инсталирање дополнителни апликации.
Овој проект е во развој долго време. Минатата година во Тексас беше објавен од шефот на американската T-Mobile Мајк Сиверт и првиот човек на SpaceX, Елон Маск. Во таа прилика беше споменато дека услугата „Direct to Cell“ ќе биде овозможена од втората генерација на сателити Starlink V2, но се зборуваше за 5G сигнал во „средниот опсег“ на спектарот на 1.850 – 1.990 MHz, но сега е променето во LTE конекција. Сепак, неа ја поддржуваат повеќе мобилни телефони во светот, отколку што се компатибилни со 5G стандардите.
Услугата во моментов е закажана за 2024 година, кога првпат ќе стане достапно испраќањето SMS пораки. Гласовните повици ќе може да се остваруваат директно од мобилни телефони преку сателит во 2025 година, за кога е најавено и стартување на услугата за пренос на мобилни податоци и поврзување на IoT уредите.