Вселенското летало Psyche, кое ѝ припаѓа на американската вселенска агенција NASA, беше успешно лансирано и го започна своето шестгодишно патување до истоимениот астероид.
Астероидот Psyche, според научниците, некогаш бил делумно јадро на една планета во раните денови на Сончевиот Систем. Астероидот богат со железо и никел може да содржи индиции поврзани со формирањето на планетите вклучувајќи ја и Земјата.
Вселенското летало Psyche беше лансирано кон крајот на минатата недела со ракетата Falcon Heavy на SpaceX од вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида, а податоците од телеметријата покажаа дека пристигнал во вселената во добра состојба. Мисијата беше одложувана неколку пати, но лансирањето конечно се случи.
На леталото ќе му бидат потребни околу 6 години за да стигне до астероидот, а потоа ќе орбитира 26 месеци, проучувајќи го со различни инструменти. Ќе користи камери за поглед одблиску, магнетометар за пребарување на магнетното поле, спектрометар на гама зраци за откривање на високоенергетски гама зраци и неутрони, како и радио антена за мапирање на гравитацијата на вселенската карпа.
„Возбуден сум што научната ризница Psyche ќе се отвори како прва мисија на NASA во ‘металниот свет’. Со проучување на астероидот Психа се надеваме дека подобро ќе го разбереме универзумот и нашето место во него, особено во поглед на мистериозното метално јадро на нашата планета Земја“, рече Никола Фокс, соработник во Дирекцијата за научна мисија на NASA.
Астероидот Psyche орбитира околу Сонцето во појасот помеѓу орбитите на Марс и Јупитер. Истражувачите проценуваат дека 30% до 60% од неговото јадро е комбинација од железо и никел.
„Врз основа на податоците што ги имаме, би рекол дека повеќе од половината е метал. Ќе видиме нов вид на објект, така што многу наши идеи би можеле да се докажат како погрешни“, рече Линди Елкинс-Тантон, професорка на Државниот универзитет во Аризона.
Леталото, исто така, ќе ги тестира ласерските комуникации на NASA во длабоката вселена, експериментален комуникациски метод кој би можел да го зголеми пропусниот опсег за 100 пати во однос на сегашниот стандард, а тоа се радио брановите.
„За неколку недели, Deep Space Optical Communications ќе започне да испраќа податоци на Земјата за да ја тестира клучната способност за иднината на истражувањето на вселената. Она што ќе го научиме ќе ни помогне да унапредиме нови иновативни технологии и да постигнеме похрабри цели во вселената“, рече д-р Прасун Десаи, помошник администратор во седиштето на NASA.