Пониската цена донесува и одредени компромиси, па корисниците кои ќе се одлучат за новиот Apple Pencil нема да можат да користат одредени функции кои доаѓаат со поскапата верзија на стајлусот.
Apple го претстави новиот Apple Pencil со USB-C приклучок за полнење, кој ќе се појави на пазарот по цена од 79 долари. Станува збор за верзија на пенкалото на компанијата која нема одредени функции со кои може да се пофали втората генерација на Pencil, но затоа е поевтин за 50 долари.
Имено, поевтиниот Apple Pencil не поддржува чувствителност на притисок, безжично спарување и полнење и функцијата со двојно допирање за префрлување помеѓу апликациите. Сепак, ја поддржува Hover функцијата што доаѓа со M2 моделите на iPad Pro, како и магнетно прицврстување на страната на уредот.
„Apple им носи повеќе избори на корисниците на iPad со новиот и пoдостапен Apple Pencil. Со совршена прецизност, мала латентност и чувствителност на навалување, новиот Apple Pencil е идеален за пишување белешки, скицирање, цртање и друго“, соопштија од Apple.
Новиот Apple Pencil е компатибилен со низа iPad-модели, вклучувајќи ги 12,9-инчниот iPad Pro од 3 до 6. генерација, 11-инчниот iPad Pro од 1 до 4. генерација, iPad Air 4. и 5. генерација, iPad 10. генерација и iPad Mini 6. генерација.
Компанијата наведува дека новиот Apple Pencil со USB-C приклучок ќе биде достапен за купување на почетокот на ноември.