OPPO денеска ја претстави својата нова Find N3 серија паметни телефони со екрани на преклопување, која ги содржи моделите Find N3 и N3 Flip.
Find N3 во расклопена состојба е со дебелина од 5,8 мм, а во склопена е двојно подебел (11,7 мм) со тежина од 239 грама. Уредот има надворешен AMOLED екран со дијагонала од 6,31 инчи, резолуција од 2484 x 1116 пиксели и динамична стапка на освежување со формат 20:9 и врвна осветленост од 2800 нита. Што се однесува до расклопениот панел, тој е LTPO и со дијагонала од 7,82 инчи со резолуција од 2440 x 2268 и брзина на освежување од 1 до 120 херци.
Телефонот се базира на актуелниот флегшип чипсет Snapdragon 8 Gen 2 со 16GB LPDDR5X RAM и 512GB простор за складирање. Батеријата има капацитет од 4805 mAh и поддржува брзо полнење до 67 вати, што овозможува целосно полнење за 42 минути.
Главната камера е доста интересна и вклучува Hasselblad технологии и решенија. Се користи сензор од 48 MP Sony LYTIA-T808 (1/1,43″), со ултраширок аголен објектив од 48 MP (1/2″) и перископ објектив од 64 MP (1/2″) за хибриден зум до 6x. Присутни се и две селфи камери, 20MP на расклопениот и 32MP на надворешниот екран.
Подобрувањата на мултитаскинг вклучуваат можност за отворање до три прозорци одеднаш, поделен екран и промена на големината на прозорците. Find N3 доаѓа во црна и црвена боја со облога од вештачка кожа на задната страна и зелена и златна боја со стаклена завршница. Find N3 работи со Android 13 со ColorOS 13.2 и ќе добие четиригодишни ажурирања на оперативниот систем и пет години безбедносни поправки.
Компанијата додава и IPX4 сертификат за отпорност на прскање вода. Цената на смартфонот изнесува 2399 сингапурски долари, односно 1650 евра. Ова е првиот преклопен теледон од оваа линија што се нуди и на меѓународниот пазар.