Официјалниот настан за претставување на Xiaomi 14 серијата телефони ќе се одржи во Кина на 26 октомври, кога со него ќе дебитира и целосно новиот оперативен систем на компанијата, HyperOS, кој ќе го замени досегашниот MIUI интерфејс. Смартфоните од серијата ќе имаат нови Leica камери, најверојатно со променлив отвор на бленда, а очекуваме дека во уредот ќе дебитира и Snapdragon 8 Gen 3 чипсетот, кој ќе биде најавен два дена порано.
Оваа вест ја објави компанијата на своите официјални профили на социјалните мрежи, а иако HyperOS дебитира на паметен телефон, тој ќе биде наменет за цела палета на уреди, вклучително и електрични автомобили.
Новата серија смартфони ќе вклучува два уреди – Xiaomi 14 и Xiaomi 14 Pro, а и двата треба да работат на претстојниот процесор на Qualcomm. Во оваа серија може да се најде и телефонот од категоријата Ultra, но неколку месеци подоцна.
Според последните гласини, уредите ќе бидат достапни во црна, бела и зелена боја, а основниот модел наводно ќе има и розова варијанта. Една од конфигурациите за Pro моделот ќе биде 16 GB RAM и 1 TB простор за складирање податоци.
Информациите кои со недели кружат на интернет во врска со спецификациите на серијата тврдат дека ќе има повеќе опции за полнење на уредот: 90 или 120 W (за Pro моделот) жично полнење, 50 W безжично како и реверзибилно безжично полнење од 10 W. Капацитетот на батеријата на овие уреди наводно ќе изнесува 4600 mAh во основната варијанта, додека понапредниот модел би требало да ги има веќе конвенционалните 5000 mAh.
Pro моделот исто така би требало да биде првиот Android телефон на пазарот со титаниумски дизајн, а двата уреди ќе го задржат модулот со квадратна камера чиј систем беше развиен во соработка со Leica. На двата уреди, тоа треба да биде систем од три камери на задната страна, додека предната е назначена селфи камера.
За основната варијанта на уредот, претходно неофицијално беше објавен рекламниот постер на компанијата кој изгледа како официјалниот, а тој открива дека главната камера ќе има резолуција од 50 MP, OmniVision OV50H сензор и оптичка стабилизација на сликата. Системот на камери ќе поддржува ултраширока и телефото камера со по 50 MP.
Екраните наводно ќе бидат со дијагонала од 6,44 инчисо Huaxing C8 OLED дисплеј со 1,5K резолуција и стапка на освежување од 120 Hz. Максималната осветленост на екранот треба да изнесува 2800 нита, а ќе биде присутна и поддршката за DCI-P3 опсегот на бои.