Компанијата Amazon ја проширува својата услуга Prime Air за испорака со беспилотни летала надвор од САД во две европски земји.
Поминаа десет години откако технолошкиот гигант ја објави новата услуга што требаше да го револуционизира пазарот за испорака. Според плановите тогаш, Prime Air услугата за испорака со беспилотни летала, денес веќе требаше да биде достапна во поголем дел од светот. Сепак, јасно е дека сѐ уште не сме блиску до тоа „летачките испораки“ да станат секојдневие, што не значи дека во некои области испораката со дрон не е достапна. Имено, Amazon во две сојузни американски држави (Калифорнија и Тексас) веќе нуди испорака на намирници со тежина до 2,2 кг., а и компании како Wing на Google нудат таква достава во одредени области во САД и Австралија.
Amazon сега ја објави достапноста на услугата и на европскиот пазар – првично, Prime Air ќе биде достапен во Велика Британија и Италија. Услугата ќе биде можна во ограничени области, а испораката на првите пакети се очекува на крајот на следната година.
Исто така, во Amazon се убедени дека таквиот начин на испорака е „сто пати побезбеден“ во споредба со копнената испорака. Дејвид Карбон, потпретседателот на Amazon Prime Air пред новинарите нагласи дека има побарувачка за ваков вид услуги во Велика Британија.
„Никогаш не сум слушнал некој да каже дека не сака да добие нешто побрзо. Луѓето кои се во областа каде што ќе биде достапна испораката со дрон ќе може да добијат илјадници предмети со помала големина и тежина, како што се сапун, козметички производи, паста за заби, батерии и слично. Производите ќе бидат испорачани во пакување со големина на кутија за чевли и оставени на местото што клиентите го избираат при правењето нарачка“, вели Карбон.
Во САД, за корисниците кои се во опсегот на испораки со беспилотни летала, Amazon прво мора да ја одобри испораката, што зависи од големината на местото каде што дронот ќе ги фрли намирниците. По нарачката, треба да постави ознака за Ку-ар код на местото за испорака, што дронот ја препознава и ги остава пакетите на означеното место. Времето на испорака е само 20 – 30 минути по нарачката. Amazon сѐ уште не го објавува бројот на корисници на својата летачка испорака, но затоа не ги крие амбициите – до крајот на ова десетлетие бројот да достигне 500 милиони годишни испораки на светско ниво.