Четворица британски астронаути наскоро треба да отпатуваат во орбитата и тоа во целосно британска мисија.
Американската компанија Axiom, која организира посети на Меѓународната вселенска станица (МВС), работи на планот по потпишувањето на меморандум за разбирање со Британската вселенска агенција.
Проектот ќе чини најмалку 200 милиони фунти, но идејата е да се финансира комерцијално, односно да не се користат парите на британските даночни обврзници.
Axiom потврди за BBC дека е во преговори со корпорации и институции заинтересирани за финансирање. Последниот човек од Обединетото Кралство што патувал во вселената беше Тим Пик на МВС како астронаут на Европската вселенска агенција (ESA) во 2015 година.
„Ова е возбудлива можност и навистина уникатна. Никој комерцијално не направил ‘национална мисија’ како оваа. Тоа е нов модел кој ќе ја формира основата на новото вселенско патување во иднина“, рече Пик.
Засега има малку детали, екипажот сѐ уште не е избран, а нема ни јасен план.
Во моментов, Axiom користи капсули SpaceX за патувања до МВС во своите мисии, но британската екипа всушност може да орбитира околу Земјата во капсулата неколку дена и да спроведе научни експерименти пред да се врати дома.
Американската вселенска агенција NASA инсистира на одредени услови во случај на мисии за посета на МВС, меѓу кои е и вклучување на искусен астронаут во екипажот, меѓутоа, многу малку Британци го исполнуваат овој услов, а Пик е очигледен кандидат за командант на мисијата.
Axiom, кој беше основан од поранешен функционер на НАСА задолжен за МВС, досега водеше две мисии, а третата ќе биде лансирана следната година. Претходните мисии беа можности за богати поединци и астронаути финансирани од владата кои не се дел од стандардните ротации на екипажот на станицата.
Но, ако новата вселенска економија во ниската орбита сака одржливо да се развива, таа мора да вклучи сектори кои традиционално не биле вклучени во вселенски активности. Британската вселенска агенција стави акцент на создавање приватна поддршка за новите вселенски компании.
Сѐ уште не е познато кога британската екипа ќе отпатува во вселената. Мисијата мора да биде целосно испланирана, а средствата да се обезбедат. NASA има ограничен број слотови достапни годишно за комерцијални патници и тие се прилично скапи.
Axiom наскоро ќе започне со прицврстување модули на МВС, кои на крајот ќе се одвојат како посебна платформа за да формираат комерцијална станица кога МВС ќе биде деактивирана. Поголемиот дел од хардверот е произведен во Италија.
Европските земји гледаат на Axiom како начин да испратат повеќе свои луѓе во орбитата. За разлика од Обединетото Кралство, Унгарија, Шведска и Полска ќе ги користат парите на даночните обврзници.