Двата паметни телефони од новата Xiaomi 14 серија се првите уреди што го користат новиот HyperOS оперативен систем на компанијата и првите смартфони во светот што работат на новиот Snapdragon 8 Gen 3 чипсет на Qualcomm
Неколку дена по претставувањето на новиот Snapdragon 8 Gen 3 чипот на Qualcomm, Xiaomi стана првиот производител кој претстави паметни телефони со овој чипсет. Станува збор за моделите од Xiaomi 14 серијата, која денеска ја имаше својата премиера во Кина, а меѓународната презентација најверојатно ќе се одржи на почетокот на следната година. Серијата содржи два модела – Xiaomi 14 и Xiaomi 14 Pro, кои нудат интересна мешавина на технички карактеристики.
Xiaomi 14
Xiaomi 14 се одликува со рамен AMOLED дисплеј од 6,36 инчи со уште потенки странични рамки, кој користи нов материјал кој овозможува врвна осветленост од дури 3000 нита. Благодарение на користената LTPO технологија, поддржана е и стапка на освежување во опсег од 1-120 Hz .
Уредот се базира на Snapdragon 8 Gen 3 чипсет со подобрен систем за ладење Xiaomi Loop LiquidCool. Додадени се стерео звучници со Dolby Atmos, 4 микрофони, USB 3.2 Gen 1 порт со брзина на пренос од 5 Gbps и мотор со линеарни вибрации на X-оската за да се обезбеди тактилно искуство, како она кај Xiaomi 13 Ultra. Моделот е достапен во Jade Green, Black, White и Snow Mountain Pink варијанти на бои.
Што се однесува до камерата, таа вклучува 1/1,3″ 50MP (ƒ/1.6) главен сензор со продолжен динамички опсег и OIS, 50MP (f/2.0) со OIS и телефото оптика за 3,2x оптички зум со можност за фокусирање при растојание од 10cm и 50MP (f/2.2) со ултраширок објектив. Компанијата го нагласува партнерството со Leica и наведува дека главниот сензор може да прими 180% повеќе светлина во споредба со Xiaomi 13.
Xiaomi 14 Pro
Xiaomi 14 Pro го краси 6,7-инчен WQHD+ AMOLED дисплеј со врвна осветленост од 3000 нита, кој е развиен во соработка со кинеската компанија CSOT (дел од TCL). Вклучува LTPO технологија за освежување во опсег од 1-120 Hz и поддржува PWM затемнување на 1920 Hz. Екранот е покриен со специјално стакло за кое компанијата вели дека е 10 пати поотпорно на паѓање и 1,25 пати поотпорно на гребење од обичното стакло. Инаку, дисплејот е рамен, но има мали закривувања на сите четири страни.
Смартфонот е опремен со USB 3.2 10 Gbps порт, специјален чип за безбедност и заштита на личните податоци, нов систем за природен тактилен одзив со помош на моторот 1016 CyberEngine, 4 микрофони и стерео звучници со Dolby Atmos. Батеријата има капацитет од 4880 mAh и поддржува брзо жично полнење на 120 вати и безжично полнење од 50 вати.
Камерата вклучува три сензори со резолуција од 50MP. Главната камера сè уште е во формат 1/1,3″, но сега е опремена со променлива бленда во опсег ƒ/1.42 – ƒ/4.0 за да фати повеќе светлина при слаба осветленост и за подобра контрола на bokeh ефектот. Во професионален режим, отворот може да се менува во 1/3 EV чекори за прецизна контрола на експозицијата.
Двата телефони од серијата Xiaomi 14 вклучуваат UltraSpace технологија за проширување на достапното UFS складирање податоци надвор од неговиот оригинален капацитет. На тој начин, Xiaomi 14 Pro со 256GB простор може да понуди уште 8GB, а Xiaomi 14 и Xiaomi 14 Pro со 512GB можат да добијат уште 16GB.
Смартофните ја користат новата платформа HyperOS, за која компанијата тврди дека ја развива веќе седум години. Новиот оперативен систем на Xiaomi го комбинира Linux со платформата Vela развиена од Xiaomi и има за цел да го олесни поврзувањето и управувањето во реално време на различни уреди – лични уреди, автомобили, домашни уреди, AIoT производи итн.