Судирот на две неутронски ѕвезди оддалечени околу милијарда светлосни години создал ретки тешки елементи, според резултатите добиени од тим научници со помош на повеќе вселенски и копнени телескопи, вклучувајќи ги Џејмс Веб, Ферми и Свифт, објави НАСА на својата веб-страница
Неверојатно светлата експлозија на килоновата GRB 230307A е забележана и утврдена дека е предизвикана од судир на неутронска ѕвезда. Податоците собрани од Џејмс Веб им помогнаа на научниците да го откријат хемискиот елемент телуриум по експлозијата.
Други елементи блиски до телуриумот во периодниот систем, како што е јодот, најверојатно се присутни во материјалот исфрлен од килоновата. Килонова е експлозија која е предизвикана или од судир на две неутронски ѕвезди или од судир на неутронска ѕвезда со црна дупка.
– Повеќе од 150 години откако Дмитриј Менделеев го направи периодниот систем на елементи, конечно сме во позиција да видиме како се создаваат, благодарение на телескопот Џејмс Веб – рече Ендрју Ливан од Универзитетот во Радбод во Холандија и Универзитетот во Ворвик во Британија.
Долго време се сметаше дека судирите на неутронските ѕвезди се идеални „шпорети под притисок“ за создавање на некои од најретките елементи потешки од железото, но досега имаше пречки за докажувањето на тоа.
Килоновите се исклучително ретки, поради што е тешко дури и да се забележат. Случајот на килонова GRB 230307A за прв пат е забележан од Ферми во март, што го прави вториот најсветлен излив на гама-зраци забележан во половина век. Тој беше околу 1.000 пати посилен од типичниот излив на гама-зраци снимени од Ферми. Тоа траеше 200 секунди, што е многу долго.
Благодарение на можностите на телескопот Џејмс Веб, научниците успеаја да ја идентификуваат локацијата на двете неутронски ѕвезди – спирална галаксија оддалечена 120.000 светлосни години од местото на судирот.
Студија за ова е објавена во списанието Nature.