Претстојната Vivo X100 серија смартфони ќе биде официјално претставена на 13 ноември на конференција во Кина, а со неа ќе пристигне и новиот паметен часовник Watch 3
Конференцијата на која ќе биде претставена претстојната Vivo X100 серија смартфони, како и други новости од компанијата, официјално е закажана за 13 ноември во Пекинг. За 11 дена, оваа кинеска компанија ќе го претстави паметниот часовник Watch 3 со оперативниот систем Blue OS заедно со новите телефони. Соопштението доаѓа од официјалниот профил на компанијата на социјалната мрежа Weibo, без да се откријат засега деталите кои ќе ги красат новите уреди.
Меѓутоа, неодамна Хан Бо Ксиао, менаџерот за производи на компанијата, го откри дизајнот на основниот модел во сина боја, кој содржи елементи во бела боја и е инспириран од трагите на ѕвездите во орбитата. На задната страна на телефонот има огромен „остров за камера“ со четири сензори и истакнатиот бренд Zeiss, германскиот производител на оптика со кој работи Vivo. На дното на уредот се наоѓаат USB-C приклучок и звучници, а LED блицот се наоѓа надвор од модулот на камерата на горниот дел од уредот.
AnTuTu тестот неодамна откри дека основниот модел од серијата ќе биде достапен во опција со 16 GB RAM во комбинација со 1 TB простор за складирање, додека наводно ќе го покренува MediaTek Dimensity 9300 чипсет. Исто така, Vivo X100 телефонот неодамна доби 3C сертификат од кинескто сертификациско тело (CCC) за ултра брзо полнење од 120 W.
Претстојната Vivo X100 серија се очекува да содржи три телефони, при што Vivo X100 и Vivo X100 Pro треба да бидат претставени заедно на 13 ноември, а моделот Vivo X100 Pro+ се очекува да им се придружи на почетокот на следната година.
Претходните гласини укажуваа дека целата Vivo X100 серија ќе добие импресивни надградби на камерата, при што моделот Pro наводно ќе пристигне со телефото перископ леќа од 100 mm. Камерата за зум очигледно ќе има и 1/2-инчен 64MP OmniVision OV64B сензор, а ќе содржи и широк отвор на бленда f/2,5, што би требало да овозможи подобро фотографирање при слаба осветленост. Наводно, главната камера ќе користи сензор на Sony од 53 MP од 1/1,43 инчи.
Од друга страна, Pro+ моделот би можел да има променлива бленда и камера со голем зум со телефото објектив од 200 MP, додека главната може да биде резервирана за еден инчен сензор Sony IMX989 со 50 MP.
Сепак, не треба да се заборави дека освен делумниот дизајн, 3C сертификатот и датумот на претставување на новите уреди, сите останати информации се неофицијални, а клучните карактеристики на претстојната серија ќе ги видиме за нешто помалку од две недели. .