Во просториите на А1 Македонија, вчера беше одржана третата сесија за вмрежување: „Дигитална иднина, еднакви права“ (анг. Digital Future, Equal Rights) организирана од страна на Алијансата за родова еднаквост – ГЕА и А1 Македонија како еден од партнерите на ГЕА.
Темата на овoj настан го следи забрзаното темпо на дигиталната трансформација и ја нагласува важноста на користењето на дигиталните технологии преку кои се дава огромен придонес кон затварањето на јазот во професионалните можности помеѓу мажите и жените.
Преку својата работа Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА се залага за инклузивна работна средина и еднаквост во можностите преку искористување на потенцијалот на дигитализацијата и е-трговијата. Главниот фокус на ГЕА е намалување на родовиот јаз на работното место, преку мотивирање на компаниите активно да учествуваат во промените и да креираат инклузивни интерни политики за работа и практики со кои се рушат стереотипите поврзани со жените и девојките.
Со свое поздравно обраќање сесијата официјално ја отвори Нина Ангеловска, претседателка на Алијансата за родова еднаквост – ГЕА: „Застапеноста на полот е значително важна, и не само затоа што е во согласност со принципите на еднаквост и фер игра без дискриминација, туку и затоа што претставува едноставно бизнис интерес. Истражувањата покажуваат дека компаниите со еднаква застапеност на полот вредат повеќе и се поиновативни, остваруваат подобри резултати, носат подобри одлуки. Особено ми е драго што компаниите кои ја поддржуваат работата на GEA, како што е A1 Македонија се своевидни позитивни примери (role-models) со еднаква застапеност на жените во вкупниот број на вработени и што е поважно еднаква застапеност на жени на менаџерски позиции. Целта на овие нетворкинг тематски настани е да ја кренеме свеста за значајноста на оваа тема, да ги истакнеме и промовираме позитивните примери и секако нетворкинг од кој произлегуваат идеи и инспирација за нови иницијативи.“
Свое обраќање имаше и Извршниот директор на А1 Македонија, Методија Мирчев кој изјави: „Ние во А1 Македонија не сме само гласни на оваа тема, туку и активно ја адресираме. Работиме на активна промоција на нашите колешки во рамките на компанијата, на специјално организирани тренинзи говориме за надминување на несвесни предрасуди, а за усовршување и поттик на професионалните кариери работиме преку менторска програма и ставаме на располагање обуки за усовршување и развој на дигитални вештини, а преку можноста за флексибилно работно време овозможуваме баланс на професионалниот и личен живот. Ја поздравувам иницијативата на ГЕА бидејќи учејќи од меѓусебните практики можеме да дадеме придонес во унапредување на родовата еднаквост на работното место, работна средина во која различностите се почитуваат, во која сите имаат исти можности, права и обврски независно од полот на кој припаѓаат”.
Со цел да се прикажат активните заложби на компанијата за создавање на еднакви можности помеѓу мажите и жените во професионалната работна средина, беше прикажано промотивно видео изработено од страна на А1 Македонија и Алијанса за родовата еднаквост. Преку видеото беа споделени успешните примери во професионална работна средина на А1 за учеството од 50% жени на раководни позиции, надминувањето на предизвиците во родовата застапеност и обезбедувањето на непречено функционирање на услугите преку синергијата на мешаните машко-женски тимови.
На настанот присуствуваа околу 100 гости – претставници од бизнис секторот, партнери и поддржувачи на ГЕА, претставници на невладиниот сектор, меѓународни организации и фондации како и претставници на владини институции, помеѓу кои и Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.
Повеќе информации за Сесијата за вмрежување: „Дигитална иднина, еднакви права“ и воедно за Алијансата за родова еднаквост на работното место можат да се погледнат на следниот линк: https://genderequalityalliance.org/.