Одредени болести кои се пренесуваат од животните на луѓето би можеле да убијат 12 пати повеќе луѓе во 2050 година отколку во 2020 година, според научниците.
Експертите од американската биотехнолошка компанија Ginkgo Bioworks повикаа на „итна акција“ за да се намали ризикот за глобалното јавно здравје. Епидемиите предизвикани од зоонозни болести би можеле да станат почести во иднина поради климатските промени и уништувањето на шумите, предупредуваат тие.
Анализата ги разгледа историските трендови за четири специфични вирусни патогени. Станува збор за филовируси, кои вклучуваат вирусот ебола и вирусот Марбург, САРС Коронавирус 1, вирусот Нипа и вирусот мачупо, кој предизвикува боливиска хеморагична треска.
Студијата не го вклучи COVID-19, кој предизвика глобална пандемија во 2020 година и се верува дека потекнува од лилјаци.
Научниците прегледале повеќе од 3.150 епидемии помеѓу 1963 и 2019 година, идентификувајќи 75 преноси од животно на човек во 24 земји.
Базата на податоци опфаќа епидемии пријавени од Светската здравствена организација (СЗО), епидемии кои се случиле од 1963 година во кои загинале 50 или повеќе луѓе и историски значајни настани, вклучувајќи ги пандемијата на грип од 1918 и 1957 година.
Настаните предизвикаа 17.232 смртни случаи, од кои 15.771 беа предизвикани од филовируси и најмногу се случија во Африка.
Научниците рекоа дека епидемиите се зголемувале за речиси 5 проценти секоја година помеѓу 1963 и 2019 година, а смртните случаи се зголемиле за 9 проценти.
„Ако продолжат овие годишни стапки на пораст, очекуваме анализираните патогени да предизвикаат четири пати повеќе преноси и 12 пати повеќе смртни случаи во 2050 година отколку во 2020 година“, додаваат тие.
Тие, исто така, посочија дека бројките веројатно се потценети поради строгите критериуми за вклучување на патогени во анализата и исклучување на COVID-19.
Тие рекоа дека проценката на доказите сугерира дека неодамнешните епидемии на прелевање на зоонози „не се абер или случајност“, туку следат „повеќедецениски тренд во кој епидемиите на прелевање станаа поголеми и почести“.
Тимот додаде дека „потребна е итна акција за справување со големиот и растечки ризик за глобалното здравје“ врз основа на историските трендови.
Наодите од студијата беа објавени во списанието BMJ Global Health.