Играчите на PlayStation 4 и PlayStation 5, од 13 ноември повеќе нема да можат да ја користат социјалната мреа X на нивните конзоли. Ова вклучува и споделување скриншотови од игрите, што многумина го правеа
Благодарение на новата одлука на Sony, PlayStation 4 и PlayStation 5 конзолите ќе ја изгубат интеграцијата со X следната недела. Во пракса, тоа би значело дека играчите повеќе нема да можат да објавуваат снимки од играта на социјалната мрежа преку нивните конзоли.
„Од 13 ноември 2023 година, интеграцијата со X повеќе нема да функционира на PlayStation 4 и PlayStation 5. Ова ја вклучува можноста за прегледување која било содржина објавена на X од конзолите и можност за објавување, споделување трофеи и сите други поврзани активности со X“, соопштија од Sony.
Засега не е познато зошто Sony ја прекинува интеграцијата на своите конзоли со X, но се шпекулира дека тоа може да има врска со новите цени на API кои се воведени претходно оваа година. Во секој случај, Sony не е единствениот производител на конзоли кој се одлучи на овој потег. Уште во април, Microsoft го оневозможи споделувањето на скриншотови од игрите на Xbox на социјалната мрежа на Елон Маск.