Минатогодишниот земјотрес откри големо изненадување под Правниот факултет во денешен Мексико Сити: огромна, шарена змиска глава од Ацтечкото Царство.
Змиската глава датира повеќе од 500 години од времето кога Ацтеките ја контролирале областа, која била дел од главниот град Теночтитлан, кој бил во подем во тоа време.
Скулптурата е откриена откако земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала го погоди Мексико Сити на 19 септември 2022 година, а сеизмичкиот настан предизвика оштетување и промени во топографијата, откривајќи ја главата на змијата под зградата што беше дел од Правниот факултет на Националниот автономен универзитет во Мексико, објави Мексиканскиот национален институт за антропологија и историја (ИНАХ) во соопштение.
Ацтеките граделе храмови и пирамиди и обожувале бројни божества, вклучувајќи го и Кецалкоатл, кој често бил прикажуван како змија. Сепак, не е јасно дали оваа скулптура го прикажува него, велат археолозите.
Издлабената змија е долга 1,8 метри, широка 0,85 метри, висока 1 метар и тежи околу 1,3 тони, соопшти ИНАХ. Неколку бои – вклучувајќи црвена, сина, црна и бела – се зачувани на скулптурата.
Бојата е зачувана на околу 80% од површината на скулптурата. За да ја зачува, тимот на ИНАХ ја извлекол змиската глава од земјата со кран и изградил комора за сушење околу скулптурата. „Оваа комора ѝ овозможува на скулптурата постепено да ја губи влагата додека ја зачувува нејзината боја“, рече Мариа Барахас Роча, конзерваторка од ИНАХ, која интензивно работела на скулптурата.
„Иако во Теночтитлан се пронајдени други скулптури на змиски глави, оваа е особено важна поради зачуваните бои“, изјави Ерика Роблес Кортес, археолог од ИНАХ.
„Благодарение на контекстот во кој беше откриено ова дело, но пред сè, благодарение на големата интервенција на реставраторите-конзерватори предводени од Мариа Барахас, беше овозможено стабилизирање на боите за нејзино зачувување во речиси целата скулптура, што е исклучително важно, бидејќи боите ни помогнаа да ја замислиме предхиспанската уметност од друга перспектива“, изјави Роблс Кортес за Live Science.
„Огромната големина на скулптурата е импресивна, како и уметноста, но зачувувањето на боите е извонредно“, рече Френсис Бердан, почесна професорка по антропологија на Калифорнискиот државен универзитет во Сан Бернардино, која не беше вклучена во ископувањето.
„Опстанокот на црната, белата, црвената, жолтата и сината е особено интересно – дава добра слика за визуелното влијание на таквите скулптури додека се дистрибуираат низ центарот на градот“, изјави Бердан за Live Science.
Покрај зачуваните бои, значајна е и големината на змиската глава, вели Бертран Лобжоа, вонреден професор по хуманитарни науки на Универзитетот во Монтереј во Мексико, кој не бил вклучен во ископувањето.
„Кога прв пат ја видов оваа змиска глава, бев заслепен од нејзините димензии“, рече тој.
Лобжоа, исто така, ја пофали конзерваторската работа која им овозможила на боите да опстанат, истакнувајќи дека „процесот на конзервација ни овозможува да го цениме натуралистичкиот пристап кон фигурацијата“ што го користеле ацтечките уметници.