„Градење на сајбер-отпорни организации“ е насловот на конференцијата која Комитетот за дигитални трансформации при Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам) ја организира на 15 и 16 ноември 2023 (среда и четврток) во хотелот DubleTree by Hilton во Скопје.
Дводневниот настан има за цел да укаже на потребата од забрзано усвојување на дигиталните иновации во сферата на сајбер безбедноста во Македонија – како за бизнисите, така и за јавниот сектор. Таквиот процес е полн со предизвици и ризици, па поради тоа е неопходна размената на идеи и искуства кои ќе помогнат во надминувањето на предизвиците и обезбедувањето на успешна и одржлива дигитална трансформација на македонскиот јавен и приватен сектор.
По поздравните говори и свеченото отворање на конференцијата, нејзиниот работен дел на првиот ден (15 ноември) ќе започне со предавањето на Бранко Приметица, партнер во Cedars International, на тема: „Потребата за проактивна сајбер отпорност“. Неговото предавање ќе послужи како вовед во првиот панел на конференцијата „Стратегија за дигитализација и сајбер безбедност на Северна Македонија“, во кој учество ќе земат: Славица Грковска, Заменик на Претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење; Азир Алиу, Министер за информатичко општество и администрација; и Јетон Акику, директорот на Агенцијата за електронски комуникации.
Вториот клучен говорник на првиот ден ќе биде Емили Хардинг, виш соработник и заменик директор на Програмата за меѓународна безбедност на CSIS, од Вашингтон, САД, која ќе понуди уникатен увид и знаење за „Градењето на сајбер отпорност во дигитален свет“. До крајот на денот ќе се одржат уште три панел дискусии кои што подетално ќе се осврнат врз различни аспекти од развојот на сајбер безбедноста, нејзините клучни компоненти, едукацијата и буџетирањето.
Работниот дел на вториот ден (16 ноември) ќе започне со презентацијата на Сенад Аруц, кој што ќе направи регионален осврт на состојбата и политиките поврзани со сајбер безбедноста. Остатокот од денот ќе вклучува презентации и дискусии во кои главниот збор ќе го имаат претставници на приватниот бизнис сектор, кои што ќе ги споделат своите иницијативи и размислувања околу понатамошниот развој на дигиталната безбедност.
Целосната агенда на конференцијата е достапна ТУКА, а истата во потполност ќе може да се следи преку онлајн пренос во живо на следниот ЛИНК (webinar no. 2401 923 8691, password: 1511).