Пред илјадници години, една жена направила две операции на главата и ги преживеала двата зафата, открива нејзиниот череп.
Научниците од Шпанија дошле до откритието откако ги анализирале остатоците од скелетот на жената, кои биле ископани на гробно место од бакарното време познато како Камино дел Молино, кое се наоѓа во Каравака де ла Крус во Југоисточна Шпанија, според студијата објавена во декемвриското издание на International Journal of Paleopathology.
Жената, која имала меѓу 35 и 45 години кога починала, била една од 1.348-те луѓе пронајдени на гробното место, кое било користено од 2566 до 2239 година пред новата ера. Меѓутоа, за разлика од другите скелети, нејзиниот череп покажал докази за серија трепанации, кои се хируршки процедури кои вклучуваат дупчење или стругање дупки низ черепот за да се изложи дура матер, најоддалечениот слој на ткиво што го опкружува мозокот и ‘рбетниот мозок, како форма на медицински третман.
Понатамошното испитување открило две преклопувачки дупки помеѓу слепоочницата и горниот дел од увото. Едниот отвор бил со димензии 53 x 31 милиметри, додека другиот бил помал, со димензии 32 x 12 мм.
Врз основа на неколку фактори, истражувачите не мислат дека отворите биле предизвикани од повреда. На пример, немало фрактури што зрачеле од лезиите, а секоја дупка содржела добро дефинирани рабови. Тие заклучиле дека дупките се остатоци од две одделни операции.
„Идентификувавме две различни дупки, кои произлегуваат од две различни интервенции“, изјави за Live Science водачот на студијата Сониа Диас-Наваро, постдокторски соработник на Катедрата за праисторија при Универзитетот во Ваљадолид.
Врз основа на дупките, заедно со „косата ориентација на ѕидовите на дупките“, истражувачите утврдиле дека трепанациите се направени со помош на „техника на стружење“.
„Тоа вклучува триење на камени инструменти со груба површина на сводот на черепот, постепено нагризувајќи го по сите негови рабови за да се создаде дупка. За да се изврши оваа операција, засегнатото лице веројатно морало да биде цврсто имобилизирано од другите членови на заедницата или претходно да се лекува со психоактивна супстанца која би ја ублажила болката или би го онесвестила“, изјави Диас-Наваро.
Неверојатно, се чини дека жената ги преживеала двете операции, а доказ за тоа е заздравената коска во нејзиниот череп. Истражувачите мислат дека таа живеела неколку месеци по втората операција.
Документирањето на праисториските хируршки процедури е „ретка појава“, особено во оваа област на главата, позната како темпорален регион, рече Диас-Наваро. На Пиринејскиот Полуостров почесто било трепанациите да се изведуваат во фронталниот и париеталниот (горниот) дел на черепот.
За жал, истражувачите не се сигурни зошто жената на воопшто имала операција. Иако нејзиниот скелет покажал залечени фрактури на ребрата и нешто забен кариес, болестите веројатно не биле поврзани.
„Високата преваленца на трауматски повреди документирани во скелетите од Камино дел Молино нè наведува да не ја отфрлиме можноста дека операцијата била извршена како резултат на траума“, рече таа.
Операцијата можела да ги елиминира сите траги од модринки или исеченици, а оштетените фрагменти од коски можеби биле отстранети за време на постапката.