Следната верзија на универзалниот стандард за безжично полнење, Qi2 е многу блиску до имплементација. Конзорциумот за безжична енергија (WPC) објави дека првите уреди се при крајот од нивниот процес на сертификација и ќе бидат достапни до крајот на годината. Првите паметни телефони сертифицирани за Qi v2.0 се оние од iPhone 15 серијата.
Qi2 доаѓа со ветување за побрзо и посигурно полнење преку присуството на магнетни елементи и во уредот и во полначот, при што Apple ја обезбеди својата технологија за Magnetic Power Profile.
Максималната моќност на полнење изнесува 15 вати. Новите додатоци секако ќе вклучуваат и различно брендирање во склад со актуелната верзија на стандардот. Голем број компании веќе имаат полначи кои формално ќе добијат сертификација веќе следната недела.
Досега единствените Qi2 уреди покрај iPhone 15 се некои преносни батерии. Не е јасно кој модел на Android ќе биде првиот што ќе ја додаде оваа поддршка.