Одборот на американската компанија OpenAI, која го креираше четботот за вештачка интелигенција ChatGPT, соопшти дека го сменила ко-основачот на компанијата и извршен директор Сем Алтман откако, како што се наведува, открил дека не бил искрен во комуникацијата со одборот.
Управниот одбор повеќе нема доверба во способноста на Алтман да продолжи да го води OpenAI, бидејќи ја попречувал, како што се наведува, способноста на одборот да управува со своите должности, се истакнува во соопштението на компанијата.
Главната технолошка директорка на OpenAI, Мира Мурати веднаш ќе ја преземе должноста привремен извршен директор, наведе компанијата, пренесува AP.
Како што се истакнува, претседателот на одборот и претседател на OpenAI, Грег Брокман се повлекува од местото претседател на одборот, но и натаму ќе има улога во компанијата.
Во соопштението не е дадено објаснување за таа промена.
Алтман помогна OpenAI да се развие како непрофитна истражувачка лабораторија во 2015-та година, а во текот на оваа година бил во центарот на глобалното внимание како лице на OpenAI откако ChatGPT стана популарен во јавноста.
Алтман во четвртокот учествуваше на самит на извршни директори на конференцијата на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕЦ) во Сан Франциско, каде е и седиштето на OpenAI.