Компанијата што го разви четботот ChatGPT го најави враќањето на Сем Алтман на местото шеф на компанијата – само неколку дена откако беше отпуштен.
Коосновачот на Open AI, Сем Алтман ќе се врати на директорската позиција на компанијатѕа само неколку дена откако беше отпуштен од управниот одбор, соопшти компанијата, а пренесе BBC. Договорот вклучува и именување на нови членови на управниот одбор.
Овој потег следува откако Алтман беше отпуштен од Open AI во петокот, по што следуваше отворено писмо од персоналот кој се закани дека ќе поднесе оставка доколку Алтман не биде вратен на функцијата.
„Со нетрпение очекувам да се вратам во компанијата. Ја сакам Open AI и сè што направив во изминатите неколку дена беше во функција на одржување на овој тим и неговата мисија заедно“, напиша Алтман на социјалната мрежа Х.
Тој додаде дека компанијата ќе го надогради своето „силно партнерство со Microsoft“.
Минатата недела, одборот на Open AI одлучи да го отпушти Алтман, по што следуваше оставка од директорот и коосновач Грег Брокман. Ова предизвика хаос во компанијата за вештачка интелигенција.
Microsoft, инаку најголемиот инвеститор во Open AI, по отпуштањето му понуди на Алтман работа да води нов напреден истражувачки тим за вештачка интелигенција.
Емет Шир, кој беше назначен за привремен извршен директор на Open AI рече дека е задоволен од враќањето на Алтман по „72 многу интензивни часови работа“.
Лидерската битка во Open AI започна ненадејно во петокот, кога одборот на компанијата објави дека го отпушта Алтман, велејќи дека ја изгубила довербата во неговото раководство. Ова потоа доведе до потег речиси целиот персонал на компанијата, односно повеќе од 700 лица, да потпишат отворено писмо во кое се закануваат дека ќе си заминат доколку одборот не си поднесе оставка.