Брендот Nubia на ZTE има нова серија паметни телефони, Red Magic 9 Pro и Pro+, кои се одликуваат со импресивни спецификации. Во основата на двата телефони е актуелниот флегшип Snapdragon 8 Gen 3 чипсет со систем за ладење ICE 13, кој вклучува графен и вентилатор.
Двата уреда користат и идентичен дисплеј. Станува збор за AMOLED панел со дијагонала од 6,8 инчи, резолуција од 1116 x 2480 пиксели, стапка на освежување од 120 херци и селфи камера од 16 мегапиксели вградена под екранот. Максималната осветленост е 1600 нита, а вградениот читач за отпечатоци може да го мери и пулсот.
Red Magic 9 Pro доаѓа со 12 GB LPDDR5X RAM и 256/512 GB UFS 4.0 простор за складирање. Што се однесува до Red Magic 9 Pro+, тој има до 24GB RAM и 1TB простор за складирање. Батериите имаат капацитет од 6500 mAh (до 80 вати брзо полнење) и 5500 mAh (165 вати), соодветно.
Во однос на дизајнот, забележуваме присуство на алуминиумска конструкција и целосно рамен стаклен заден дел. Главната камера е двојна и вклучува Samsung GN5 сензор од 50 MP со оптичка стабилизација и ултраширокоаголен објектив од 50 MP.
Меѓу останатите спецификации се Android 14 со Red Magic OS 9.0, Wi-Fi 7, Bluetooth 5.3, 3.5 mm приклучок за слушалки и IR предавател. Очекувано, има и RGB светлосни елементи и ефекти, како и дополнителни гејминг копчиња.
Достапни се во неколку верзии на бои, бела и црна транспарентна, како и целосно црна. Цените за Red Magic 9 Pro започнуваат од 568 евра, додека Red Magic 9Pro+ ќе се продава по цена од 710 евра. Серијата дебитираше во Кина, а наскоро ја очекуваме и нивната меѓународна премиера.