Поголем дел од опремата за производство на чипови потребни за Touch ID е трајно исклучена, што покажува дека Apple не планира повторно да ја воведе својата технологија за препознавање отпечатоци на новиот iPhone.
Иако се шпекулираше дека претстојниот iPhone 16 ќе го врати Touch ID, се чини дека сепак тоа нема да биде случај. Имено, на Weibo беше објавен извештај во кој се наведува дека поголемиот дел од опремата што се користи за производство на чиповите потребни за Touch ID е трајно исклучена, со исклучок на онаа што се користи за третата генерација на iPhone SE.
Ова покажува дека Apple не планира повторно да го воведе Touch ID како метод за автентикација на iPhone моделите во блиска иднина. Поради оваа причина, се истакнува дека четвртата генерација на iPhone SE ќе го воведе Face ID, што Apple со години го користи кај другите свои iPhone модели, пренесува 9to5Mac.
Touch ID за прв пат беше претставен во iPhone 5S во 2013 година. Оваа технологија им овозможи на корисниците да го отклучуваат уредот, да купуваат во различните дигитални продавници на Apple и да се автентицираат со Apple Pay.
По неговото воведување, Touch ID се појави на втората генерација на iPhone 6S во 2015 година и на MacBook Pro една година потоа. Apple го задржа Touch ID на iPhone 8, втората и третата генерација на iPhone SE и основните модели на iPad, додека сите други модели на iPhone од iPhone X во 2017 година и поскапите модели на iPad Pro ја усвоија технологијата за препознавање лице, т.е. Face ID.