Додека го чекаме новиот флегшип телефон на кинеската компанија Realme, кој треба да излезе оваа или следната недела, продолжуваат да протекуваат неофицијални информации за него, а во најновата гледаме дека наводно ќе чини 450 евра. Поточно, Realme GT5 Pro наводно ќе биде достапен во Кина за 3499 кинески јуани, што е помалку од 500 евра.
Оваа информација доаѓа од неофицијален промотивен постер, кој беше објавен од добро познатиот инсајдер DigitalChatStation, чии тврдења во повеќето случаи се покажуваат точни.
На тој начин, за практично 450 евра во Кина, луѓето ќе можат да купат телефон од високата класа, кој го има најновиот чипсет Snapdragon 8 Gen 3 и Sony IMX890 сензорот на телефото камера со перископ со 50 MP.
Покрај тоа, најверојатно ќе има батерија од 5400 mAh со брзо жично полнење од 100 W и безжично полнење од 50 W, што би требало да му обезбеди да стигне од нула до 50 проценти батерија за само 12 минути.
Секако, сето тоа под услов сите гласини кои досега се појавија за овој смартфон да се покажат вистинити.