По брзото враќање на својата директорска позиција во Open AI, од која беше ненадејно отпуштен Сем Алтман, дојде и до промени во одборот на директори на компанијата
Новиот-стар извршен директор на OpenAI, Сем Алтман објави дека технолошкиот гигант Microsoft добива место во одборот на директори на компанијата. Сепак, Microsoft нема да биде стандарден член на одборот, туку неговата позиција ќе биде набљудувач, без право на глас.
Ова значи дека гигантот, кој е еден од најголемите инвеститори во OpenAI ќе може да присуствува на состаноците на одборот и да има пристап до доверливи информации. Но, неговата моќ нема да може да се изрази преку гласање, барем не на официјален начин.
Еден од шефовите на Microsoft, Сатја Надела, кој го вработи Алтман во компанијата откако беше отпуштен во OpenAI, претходно изјави дека менаџментот на компанијата која стои за четботот ChatGPT „мора да се промени“.
Минатата недела, OpenAI, по драмата што ја следеше компанијата за време на предминатиот викенд , формираше нов одбор на директори составен од: поранешниот извршен директор на Salesforce, Брет Тејлор, поранешниот министер за финансии на САД, Лери Самерс, како и Адам Д’Анџело, член на поранешниот одбор кој го замени Алтман.
Работата на овој тричлен одбор ќе биде да го назначи постојаниот одбор на директори на компанијата, кој ќе се состои од најмногу девет членови, меѓу кои ќе бидат претставници на компанијата Microsoft, како и самиот Алтман.
Сега OpenAI активно бара шест нови членови кои имаат експертиза во технологијата, безбедноста и политиката. Инвеститорите, наводно, нема да имаат место во новиот одбор, освен на очигледно најголемиот, Microsoft.
Технолошкиот се обврза да инвестира уште 10 милијарди долари во OpenAI и поседува 49 отсто од акциите во овој стартап. Сепак, гигантот не ги коментираше овие наводи.
Алтман најави и дека ко-основачот на компанијата Грег Брокман повторно ќе стане претседател на компанијата, а Илија Сутскевер повеќе нема да биде во одборот. Сустскевер, наводно ги иницирал напорите Алтман да биде отпуштен, но исто така бил потписник на писмото од вработените кое барало негово враќање на функцијата извршен директор.