Според некои проценки, просечниот човек може да види околу шест илјади ѕвезди кога гледа на ноќното небо. Но, тоа е само почеток.
Ако имате среќа и живеете во област без светлосно загадување, секоја вечер можете да погледнете кон небото и да уживате во глетката на илјадници ѕвезди. Некои се посветли, некои помалку светли, но сите се таму – видливи со голо око. Но, колку ги има?
Според некои проценки, просечниот човек може да види околу шест илјади ѕвезди кога гледа на ноќното небо. Ова се ѕвездите кои се најсветли и најблиску до Земјата. Но, тоа е само дел од универзумот. Астрономите долго време се обидуваат да откријат колку е голема вселената и што има во неa – oд галаксии кои можат да содржат илјадници, па дури и милиони ѕвезди и планети до сè уште неоткриени вселенски тела.
Астрономот Брајан Џексон од државниот Универзитет Boise State се обиде да објасни како се проценува бројот на ѕвезди во универзумот и зошто тоа е толку комплицирано. Во текст објавен во The Conversation, истакна дека првиот чекор е да се процени бројот на галаксии, а за тоа се потребни детални фотографии од дел од небото и броење на сите видливи галаксии. Потоа бројот се множи со бројот на фотографии кои се потребни за да би се покрило целото небо. Конечниот и поедноставен одговор би бил околу 2 милијарди галаксии.
Но, колку ѕвезди има секоја галаксија? Со оглед на тоа дека некои од овие галаксии се екстремно далечни, тешко е да се одреди точниот број. Затоа, астрономите се свртуваат кон она што го знаат, а тоа е нашата галаксија – Млечниот Пат.
Научниците внимателно го проучуваат Млечниот Пат и можат со прилично голема сигурност да кажат колку ѕвезди (веројатно) има во него. Сонцето е во центарот, но тоа е само една од многуте ѕвезди што се наоѓаат во нашата галаксија. Постојат бели (како Сонцето), црвени и сини ѕвезди кои сјаат со различни интензитети на светлина. Астрономите можат да ја измерат оваа осветленост и да ја искористат за да проценат колку ѕвезди има во галаксијата.
Користејќи го овој метод, научниците проценуваат дека во Млечниот Пат има околу 100 милијарди ѕвезди. Ако сметаат дека Млечниот Пат е просечна галаксија, можат да го земат бројот на нејзините ѕвезди и да го помножат со бројот на галаксии. А бројот што се добива е речиси незамислив – околу 200 милијарди билиони (200.000.000.000.000.000.000.000) ѕвезди во универзумот.
Тоа е само проценета бројка, бидејќи сè уште не сме го истражиле целиот универзум, а ѕвездите се раѓаат и умираат секој ден. Затоа, следниот пат кога ќе погледнете на ноќното небо и ќе им се восхитувате на ѕвездите, запомнете дека гледате само мал дел од она што го содржи универзумот.