Во обезбедувањето на независна и сигурна енергија за нашата држава, македонските институции посегнуваат по сите можни енергетски решенија. За нив, приоритет се изградбата на гасната инфраструктура исто колку и продолжувањето на работењето на РЕК Битола на јаглен, како и изградба на нова голема хидроцентрала, но и поставувањето на фотоволтаични и ветерни централи и декарбонизацијата. Очигледно е дека во моментот се пристапува кон енергетскиот сектор како кон „тезга“ со секакви производи, што за жал не е стратешки и одговорно. Енергетскиот сектор бара сериозно планирање и посветена изведба за да даде сакани резултати.
Енергетската и економската криза, во комбинација со зголемената стапка на инфлација, го наметнуваат прашањето дали е оправдано енормно задолжување за изградба на дистрибутивна мрежа за фосилен гас. Иако на него традиционално се гледа како на „чист“ извор на енергија, истражувањата и искуствата од користењето на гасот демонстрираат сериозни еколошки штети и климатски хаос.
Едно од најголемите е: – ,,Дали е воопшто потребна оваа гасоводна мрежа?‘‘
Според анализите на Еко-свест кои се предмет на најновата студија за економската исплатливост на гасот, за целосна реализација на планот се потребни најмалку 1 милијарда евра. Вложувањето на енормни средства во инфраструктура за фосилни горива значи дека нашата земја ќе мора истата да ја користи и во наредните, најмалку 40 години. Истовремено, Европскиот континент треба да стане јаглеродно неутрален (односно, без емисии на CO2) најдоцна до 2050 година.
Од нашата држава се очекува да го интензивира инвестирањето во нови технологии кои ќе придонесат кон унапредување на општеството, како и во енергетска и одржлива трансформација на целиот систем. Сите овие активности во рамки на најавената Зелена Агенда за Западен Балкан на која се обврзаа државниците од сите земји од регионот значат огромни инвестиции и задолжувања и во овој сектор.
Заробувањето на огромни суми средства во фосилни технологии значи дека нема да бидеме во можност сериозно да инвестираме во енергетската трансформација и обновливите извори на енергија што ќе не остави „заглавени во минатото“. Истовремено, бројни приоритетни сектори од општеството како здравството, образованието и заштитата на животната средина ќе останат лишени од соодветна финансиска поддршка, со што ќе продолжи нивното деградирање.
Фосилниот гас упорно се промовира како „магично решение“, иако истражувањата јасно покажуваат дека неговото согорување придонесува кон зголемени емисии на јаглерод диоксид, кој ја влошува состојбата со климатските промени. При согорување на фосилен гас, количината на ослободен СО2 е иста како и при согорување на другите видови фосилни горива како нафтата и јагленот. Со најавените јаглеродни давачки и јаглеродниот прекуграничен даночен механизам на Европската Унија, гасот нема да е толку исплатлив енергенс. Земајќи ја предвид и непредвидливата цена на гасот, која никогаш повеќе нема да биде евтина, мегаломанскиот план за гасифицирање на секоја општина е крајно неисплатлив и на штета на државниот и домашниот буџет на граѓаните.
Плановите за гасна инфраструктура мораат сериозно да се преиспитаат и да се доведат во реални рамки, и од економски и од еколошки аспект. Притоа, мора да се разгледаат сите можни алтернативи за снабдување со електрична и топлинска енергија и да се направат економски исплатливи и одржливи решенија кои нема да бидат на товар на државниот и домашниот буџет, а ќе овозможат побрза енергетска транзиција и почиста животна средина за граѓаните.