Сончевите бури се едни од најфасцинантните астрономски настани. Овие магнетни ерупции нè потсетуваат дека површината на нашето Сонце не е статична. Исто така, благодарение на овој феномен, можеме да ја доживееме поларната светлина.
Пред неколку недели Мигел Кларо, астрофотограф од Португалија, го сними Сонцето додека се приближуваше до својата максимална активност во неговиот 11-годишен Сончев циклус. Резултатот е хипнотизирачки тајмлапс кој го прикажува танцот на Сончевите блесоци.
– На 12 октомври 2023 година направив соларен тајмлапс на цел полн диск на Сонцето, покажувајќи многу интересни карактеристики во движење, како што се еруптивни проминенции, филаменти, активни региони со мали блесоци – пишува Кларо.
Астрофотографот објаснува дека видеото ја прикажува хромосферата додека Сонцето ротира во текот на три часа.