Според истражувањата, најгледаниот видео сервис во светот продолжува да го менува корисничкото искуство кога се во прашање рекламите. Овој пат новитетите стигнуваат до оние кои нивните содржини ги следат на телевизорите
Рекламните тимови на YouTube беа невообичаено активни во последните месеци. По ограничувањето на решението за блокирање реклами на десктоп и мобилните уреди, преку воведување подолги реклами кои не можат да бидат прескокнати, беше направен последниот потег – групирањето на рекламните блокови.
Како што велат од сервисот, со истражување на навиките и преференциите на нивните гледачи, дошле до заклучок дека потрошувачите на содржини очекуваат поинакво искуство при гледањето реклами, во зависност од видот на содржината што ја гледаат. На пример, кога гледаат долгометражни формати, тие претпочитаат помалку прекини поради реклами, дури и ако тоа значи дека тие се подолги. YouTube ги послуша, па сега воведува нова промена, тестирана изминатава година на помал број гледачи.
Оние кои гледаат YouTube на своите паметни телевизори, во иднина ќе добијат искуство на гледање кое поретко ќе биде прекинувано од реклами. Но, кога ќе се појават рекламите, тие ќе бидат групирани заедно и нема да може да се прескокнуваат подолго време – нешто како да гледате линеарна телевизија. Овој начин на поставување реклами на телевизорите во тест периодот покажа подобри резултати, а времето помеѓу паузите за реклами беше продолжено за 29 проценти.
Друга промена, која исто така се роди од истражувањето на гледачите, се однесува на одбројувањето за време на прикажувањето на рекламите. Така наскоро, за време на рекламните блокови на телевизорите, ќе се појави бројач во долниот десен агол. Ќе покаже колку вкупно секунди реклами ќе бидат прикажани (не бројот на различни реклами во блокот). Одбројувањето оди до крајот на комерцијалниот блок или до моментот кога рекламите може да се прескокнат. На тој начин, гледачите ќе можат, на пример, да одат во тоалет или да планираат некоја друга форма на кратка пауза додека се пуштаат задолжителните реклами на YouTube на нивниот телевизор – и точно ќе знаат кога треба да се вратат на екранот.