На Австралијците им успеа пионерскиот потфат на преведување на сировите ЕЕГ бранови директно во јазик
Истражувачи од центар за вештачка интелигенција при Технолошкиот универзитет во Сиднеј развиле преносен, неинвазивен систем кој може да декодира мисли и да ги претвори во текст.
Оваа технологија може да им помогне на луѓето што не можат да зборуваат поради повреда или болест, вклучително и мозочен удар и парализа. Исто така, може да овозможи беспрекорна комуникација помеѓу луѓето и машините, како што е работата на бионичка рака или робот.
За време на тестирањето, учесниците тивко читале делови од текст додека носеле капа што ја снимала електричната активност на мозокот преку нивниот скалп, користејќи електроенцефалограм. Уредот работел со модел со вештачка интелигенција наречен „Ди вејв“ (DeWave), специјално развиен за тестирањето. Моделот ги преведува електричните сигнали од мозокот во зборови и реченици.
Овој процес вклучува дискретни техники за кодирање во процесот на преведување од мозок во текст и воведува иновативен пристап за невронско декодирање, објаснуваат австралиските истражувачи. Покрај тоа, интеграцијата со големи јазични модели отвора нови граници во невронауката и вештачката интелигенција.
Претходната технологија за преведување мозочни сигнали во јазик барала да се вградат електроди во мозокот или други скапи и инвазивни методи. Во новиот модел, мозочните сигнали се добиваат преку капата на черепот, а не од електроди вградени во мозокот. Тоа би значело дека сигналот е чувствителен на врева, но тоа не се одразило врз резултатите.
Истражувачите откриваат дека моделот е подобар во поврзување глаголи отколку именки, но и покрај предизвиците, тој дава добри резултати и формира слични структури на реченица. Тој преведува мисли во јазик со точност од околу 40 отсто. Истражувачите се надеваат дека понатамошната работа на моделот ќе го подобри нивото на точност.
Извор: Bug.hr