Мнозинството од младите работат на позиции што не се поврзани со полето на студирање, тренд кој преовладува кај младите се честите промени на работните места и над 80% од младите сметаат дека континуираното учење и унапредување се клучни за да останат конкурентни на пазарот на трудот. Ова се дел од наодите од истражувањето насловено „Младински аспирации за кариера и вештини“ спроведено во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности во партнерство со Министерството за труд и социјална политика.
Во истражувањето се испитуваат очекувањата на младите од работните позиции, нивните ставови за тоа кои вештини им се потребни за да бидат конкурентни на пазарот на труд и се даваат низа препораки со цел да се поддржат младите да најдат привлечни можности за вработување во земјава.
„Истражувањето ќе ни даде јасна слика за тоа кои професии ги привлекуваат младите и зошто, кои се нивните очекувања од работните позиции, кои вештини сметаат дека им се потребни за да бидат конкурентни на пазарот на трудот и на кој начин би сакале да ги стекнат тие вештини. Токму ваквите сознанија ќе бидат темел при креирањето политики и мерки за намалување на невработеноста кај младите што е еден од нашите стратешки приоритети,“ истакна министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, на настанот за промоција на истражувањето. Таа воедно ги поттикна младите да ги користат државните мерки за вработување, самовработување, обуки и практикантска работа и посочи дека Оперативниот план за 2024 година ќе биде заснован на наодите од истражувањето.
Во однос на преференциите за кариера за младите, ИТ секторот се јавува како најпожелен избор, привлекувајќи повеќе од 20% од испитаниците. Медицината и здравството се избор на околу 16% од испитаниците, додека пак правото и политиката на околу 10%. Помеѓу најнепопуларните области се вбројуваат производство и занаетчиство (1,90%) и наука и одржливост на животната средина (1,80%).
Финансиските стимулации се доминантниот мотиватор при избор на кариера, така што речиси половина од испитаниците (49,8%) ги наведуваат платата и финансиските придобивки како нивни главни причини за интерес во дадениот сектор. Можноста за напредување во кариерата е доминантна причина за 20,8% од испитаниците, додека пак сигурноста и стабилноста на работата се клучен фактор за 14,4% .
„Истражувањето укажува на значајна неусогласеност помеѓу формалното образование и пазарот на труд, но истовремено дава јасен патоказ како да се поддржат младите да го надминат овој јаз и полесно да се вработат“, изјави Небојша Мојсоски, раководител на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.
Платената пракса како мерка е преферираниот метод за помош на младите при вработување (41,1%), што одразува потреба за пристапи кои се засноваат на менторство и учење при реални ситуации. И покрај тоа што претприемништвото се појавува како област од интерес за речиси три четвртини од младите (74,1%), податоците од истражувањето укажуваат и на потреба за поддршка на младите преку финансиска поддршка (22,9%) и менторство (14,2%) за отворање на свој бизнис. Кариерното насочување и советување се недоволно искористени ресурси, при што 55,3% од испитаниците изјавиле дека немаат искуство со такви услуги.
Петгодишната Активност на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, којашто е со вредност од 7 милиони долари, има за цел да ги поврзе младите со можностите коишто им се потребни за да бидат конкурентни во денешната економија и да го зголеми придонесот на младите кон општеството, а ја спроведува американската непрофитна организација Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со CEED Hub Скопје и Младински образовен форум (МОФ).
Целото истражувањето е достапно на следниот линк: https://iesc.org/wp-content/uploads/2023/12/Research-Youth-Career-and-Skills-Aspirations_-WEB.pdf.