Најпознатата комета стигна до најоддалечената точка на својата орбита од Сонцето и се упати назад кон центарот на Сончевиот Систем.
По 38 години патување низ длабочините на Сончевиот Систем и далеку од центарот на истиот, Халеевата комета стигна до својот афел и се упати назад кон Сонцето. Моментално се наоѓа далеку зад орбитата на Нептун, а од Земјата со голо око ќе може да се види дури во 2061 година.
Всушност, тоа е единствената комета што може да се набљудува со голо око двапати во животот на човекот, а бидејќи човештвото знае за неа повеќе од 2.000 години, јасно е зошто Халеевата комета е еден од најпознатите објекти во нашиот Сончев Систем.
Со димензии од 15 x 8 км и облик кој потсетува на кикиритка во лушпа, Халеевата комета е вистински џин. Иако набљудувањата на ова тело датираат од пред милениуми, првиот човек кој сфатил дека се работи за комета која се враќа е Едмунд Хали, кој точно предвидел дека човештвото повторно ќе ја види во 1758 година, поради што денес го носи неговото име.
Астрономите веруваат дека Халеевата комета била во својата сегашна, екстремно издолжена орбита околу 16.000 години. За разлика од другите планети, нејзината револуција околу Сонцето се одвива во спротивна насока, односно во насока на стрелките на часовникот. Во споредба со патеката на Земјата околу Сонцето, 1P/Halley, како што е официјално именувано ова небесно тело, се движи во орбита која е наклонета за 18 степени.
За време на револуцијата, перихелот (најблиската точка до Сонцето) на Халеевата комета е „само“ 87,8 милиони километри, што е 20 милиони километри поблиску до нашата ѕвезда отколку орбитата на Венера. Од друга страна, нејзиниот афел се наоѓа на 5,27 милијарди километри од центарот на Сончевиот Систем, далеку зад орбитата на Нептун. За жал, Халеевата комета нема да биде видлива за луѓето на Земјата во скоро време – за тоа ќе треба да почекаме до 2061 година.