Индиската вселенска агенција ISRO лансираше сателит и започна мисија за проучување на црните дупки и астрономските објекти.
Лансирањето се случи од космодромот „Срихарикота“ во понеделникот и тоа е само втора мисија во светот од ваков карактер, откако американската вселенска агенција NASA ја лансираше својата мисија во 2021 година. ИСРО сака да им помогне на научниците да го унапредат своето знаење за црните дупки.
„Пред нас е возбудливо време“, рече портпаролот на ISRO по лансирањето.
Црната дупка е простор каде што материјата се распаднала сама по себе, а гравитациската привлечност е толку силна што ништо, па ни светлината, не може да „избега“. Црните дупки се создаваат со експлозивното исчезнување на одредени големи ѕвезди, а некои се навистина огромни. Тие се милијарди пати поголеми од масата на нашето Сонце.
Полариметарскиот сателит на Х-зраци на ISRO, или скратено XpoSat има за цел да спроведе детално проучување на црните дупки. Нејзиното производство чинеше околу 30 милиони долари, додека животниот век е 5 години.
Лансирањето следи по една исклучително успешна година за ISRO. Во август, агенцијата успешно го приземји вселенското летало Chandrayaan-3 во близина на јужниот пол на Месечината, регион до кој друга мисија никогаш не стигнала. Неколку дена подоцна, мисијата Aditya-L1 беше лансирана за проучување на Сонцето.
Најновото лансирање е само еден од неколкуте проекти што ISRO ги планира за оваа година.
„2024 година ќе биде година на подготовка за Gaganyaan“, додаде портпаролот, осврнувајќи се на проектот, чија цел е да испрати тројца астронаути во ниската орбита на Земјата и да ги врати по три дена.
ISRO го спроведе првиот од серијата пробни летови за оваа мисија во октомври 2023 година, а планот е да има сè подготвено за испраќање на екипажот во орбитата до 2025 година.