Иако технологијата на екрани на TCL под името NXTPAPER беше откриена уште во 2021 година, компанијата вели дека NXTPAPER 3.0 ќе пристигне на уредите оваа година и ќе го подобри визуелното здравје.
Компанијата TCL тврди дека нејзината технологија на екрани NXTPAPER од следната генерација е оптимизирана за луѓето, а има неколку подобрувања и функции дизајнирани да го подобрат визуелното здравје. Така, технологијата на екранот NXTPAPER 3.0 на TCL ја филтрира штетната сина светлина до 61 процент, притоа задржувајќи остри слики, додека воедно содржи оптимизации за сетилата за вид и допир.
Новата технологија беше официјализирана и објавена од TCL во Лас Вегас како дел од CES 2024 саемот, а покрај споменатото филтрирање на сината светлина и задржувањето на остра слика, овој тип на екран воедно задржува и длабок контраст, живи бои и природни движења.
Ова се постигнува со вклучување на CPL (Circularly Polarized Light) во екранот, кој симулира „емитување-рефлексија-прекршување“ на природна светлина, создавајќи визуелен ефект кој го имитира искуството на читање книги на природна светлина. Ова го подобрува изгледот на CPL екранот како хартија и обезбедува дополнителна удобност за очите.
Што се однесува до софтверот NXTPAPER, тој вклучува асистент за нега на очите кој им помага на корисниците да развијат здрави дигитални навики на гледање. Има и потсетник за одмор кој ги поттикнува корисниците да прават паузи за време на продолжената употреба и им помага да го прифатат популарното правило за нега на очи „20 – 20 – 20“. Ова значи правење пауза од 20 секунди на секои 20 минути и фокусирање на објект оддалечен 20 метри. Софтверот има и функција за откривање на лошо осветлување и одредување на прекумерната близина на корисникот.
Враќајќи се на NXTPAPER 3.0, новата технологија има повисока стапка на освежување и DC Dimming за искуство без треперење. Доаѓа и со подобрен адаптивен режим на температура на бојата што му овозможува на NXTPAPER дисплејот автоматски да ја приспособува температурата на бојата врз основа на временските услови и амбиенталната светлина за удобно искуство при гледањето.
Технологијата NXTPAPER 3.0 ќе се користи на таблет уредите NXTPAPER 14 Pro и TAB 10 NXTPAPER 5G и паметните телефони од серијата TCL 50, исто така објавени на CES 2024 година. Ќе има и NXTPAPER 3.0 „три-во-еден“ VersaView UI кориснички интерфејс оптимизиран за различни сценарија.
Првиот од тие три дисплеи ќе биде наменет за редовна употреба со нативно слабо сино светло и без жолт отсјај. Вториот екран е режим на боја на хартија со низок контраст за читање, а третиот е црно-бел режим на боја на хартија со мастило за пријатно искуство при читањето електронски книги.