Американските технолошки гиганти Google и Amazon во одделни најави соопштија дека ќе отпуштат стотици вработени
Google најави дека ќе отпушти неколку стотици вработени и ќе реорганизира неколку сектори.
Отпуштени од работа ќе бидат вработените во главниот инженерски оддел на Google, како и во одделенијата кои се вклучени во развојот на гласовниот асистент и развојот на производи како што се паметните телефони Pixel, паметните домашни уреди Nest и фитнес нараквиците Fitbit.
Дополнително, ќе бидат отпуштени „мнозинството“ вработени во одделот специјализиран за развој во областа на проширена реалност, се додава во соопштението на Google.
Amazon, како и Google, најави отпуштање од работа на стотици вработени, пред се во сервисот за стриминг Twitch и Prime Video, како и во филмското студио „Метро Голдвин Мајер“, кое Amazon го купи во 2021 година, пренесува CNN. Само Twitch планира да отпушти 500 работници или 35 отсто од целата работна сила.
Во 2023 година, компанијата Alphabet, сопственик на Google, отпушти 12.000 вработени, а Amazon отпушти 27.000 работници.
Технолошките компании ширум светот минатата година отпуштија повеќе од 260.000 вработени поради падот на приходите.