Популарниот четбот на вештачка интелигенција ChatGPT добива можност да генерира видеа во следните две години како клучна надградба на функциите
Интернетот и луѓето кои го користат можеби не се подготвени за фактот дека ChatGPT добива можност или подобро кажано моќ да создава видеа во блиска иднина, но дезинформациите дефинитивно се. Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман укажа на мултимодалноста на ChatGPT, односно неговата способност да работи со текст, слики, звук и „евентуално видео“, како клучна надградба на неговите функции.
Во подкаст со соосновачот на Microsoft, Бил Гејтс, Алтман истакна дека планот на компанијата е да ја спроведе функцијата за креирање видеа во ChatGPT во рок од најмногу една или две години.
Иако тој не навлезе во премногу детали за тоа како точно ќе изгледа оваа функција, таа несомнено ќе работи на слични принципи како можностите за креирање слики што ChatGPT (преку моделот DALL-E) веќе ги нуди: само внесете неколку линии од текст како барање до ботот, а потоа добивате слика генерирана со вештачка интелигенција врз основа на тој опис.
Кога ќе дојдеме до фаза каде што можете да пребарувате за секое видео што го сакате, за која било тема што сакате, можеме да очекуваме поплава од лажни информации под маската на видеа на интернет, таканаречени „deepfake“, во буквален превод – длабоко лажна содржина. Извесно е дека ќе се креираат одреден број снимки за забава и креативност, но извесно е и дека многу од нив ќе бидат наменети за ширење дезинформации и пропагандни активности.
Deepfake видеата веќе се проблем во ерата на масовно користење на социјалните мрежи, а со воведувањето на видео генерирање на планетарно популарниоот бот со вештачка интелигенција, овој проблем само ќе се влошува.
Во САД, на пример, оваа година има претседателски избори, а општите избори во Велика Британија се исто така веројатни во одреден момент во 2024 година. Со лажни видеа кои кружат на интернет од политичари кои кажуваат работи што никогаш не ги кажале, постои реална опасност од брзо ширење на лажни информации на интернет.